Уставниот суд ќе одлучува за измени на Законот за помилување, немаше бдеење

На седница во среда, Уставниот суд треба да решава за иницијативата за измени на Законот за помилување со кои на шефот на државата му се овозможува да помилува лица и за изборни нерегуларности и други кривични дела.

Image

Во втроник вечер, се одржа протест во организација на неколку невладини организации, собрани околу платформата за граѓанска иницијатива „Ајде“, а со поддршка на СДСМ, Левица, Движењето на Турците и други помали партии. Демонстрантите дојдоа до зградата на МНТ кој е оддалечена на стотина метри од Уставниот суд пред кој протестираа стотици луѓе, организирани од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски кој изјави дека „ќе ги брани институциите на државата“.

Полицијата не дозволи двата табора да дојдат во допир, со што се избегнаа немири.

Стотина граѓани, ноќта ја поминаа околу зградата на Уставниот суд, каде утрово присутна е и полицијата. Неколку борбени полициски возила од вчера се паркирани пред зградата на новиот театар.

Учесници на вчерашниот собир во организација на партијата ГРОМ, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и утрово се распоредени околу зградата на Уставниот суд.

Велат дека се собрани да спречат евентуален напад на уставните судии по нивното прифаќање на иницијативата за измени во Законот за помилување со кои на претседателот на државата му се овозможува да помилува лица и за изборни нерегуларности и други кривични дела.

Групата граѓани организирани од граѓанската платформа АЈДЕ по масовниот протест, синоќа ја повлекоа одлуката да преноќат пред Македонскиот народен театар, поради дојава оти владејачката партија собира контрадемонстранти од цела држава.

„Сметаме дека од безбедносни причини најдобро е да се прекине бдеењето, имаме дојава дека многу автобуси се тргнати за Скопје во организација на ВМРО-ДПМНЕ и нема потреба да се доведуваме до таква ситуација. Секако ќе продолжиме со нашите активности, ќе видиме што ќе се случи на утрешната седница на Уставниот суд, но дотогаш претпоставувам дека бројот на контрадемонстранти пред судот ќе расте“, вели за НОВА активистката Билјана Бејкова.

Такви најави почнаа да споделуваат и граѓаните на социјалните мрежи, според кои членството на владејачката партија собира демонстранти од повеќе градови во земјава со автобуси да тргнат за Скопје.