ФИФА листа: Македонија на 141-то место

Светската фудбалска организација (ФИФА), во четвртокот ја објави најновата ранг листа, на којашто македонската репрезентација не ја смени позицијата, односно го дели 141-то место со националниот тим на Сент Винсент и Гренадини.

Image (4)

Во периодот меѓу двете рангирања на ФИФА речиси и да немаше репрезентативни активности, па според тоа на ФИФА листата речиси и да нема промени.

Македонија се наоѓа во долниот дел на листата на која има вкупно 209 репрезентации. На оваа листа пред македонската репрезентација се наоѓаат национални тимови на земји кои не можат да се пофалат со некоја богата фудбалска традиција.

Така, пред Македонија се Кувајт, Сент Лусија, Мадагаскар, Аруба, Намибија, Свазиленд, Азербејџан, Гвајана, Бахреин, Палестина, Танзанија, тунис, Туркменистан.

Доколку се направи споредба со европските селекции, членки на УЕФА без Косово кое сѐ уште не е член на ФИФА, зад македонската репрезентација се наоѓаат само шест селекции: Луксембург (146), Молдавија (156), Малта (165), Лихтенштајн (173), Сан Марино (200) и Андора (202).

Македонија во септември ќе го започне квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Русија, а од противниците во групата само Лихтенштајн има полош рејтинг, останатите се далеку пред „црвено-жолтите“: Шпанија (6), Италија (15), Албанија (45), Израел (76).

макфакс