Ципрас планира реформи во министерствата, реконструкцијата на чекање

Атина, 1 ноември, 2016 – 12:25 (META) 
rtx1kg77-1-736x414

Во подготовките за владина реконструкција, која е одложена, грчкиот премиер Алексис Ципрас планира реформи, поделба и зголемување на бројот на министерствата. Иако на почетокот на мандатот на владата на СИРИЗА дел од министерствата беа споени, грчкиот премиер сега размислува да оддели некои ресори, како, на пример, министерството за миграција кое е дел од министерството за внатрешни работи.
Како што објавија грчките медиуми, Уставниот суд одбри два декрети подготвени од кабинетот на Ципрас за измена на составот и за изгледот на министерствата. Според декретите, ќе има пет нови министри, од кои дел досега беа заменици-министри бидејќи нивното министерство беше под капата на друго.

Министерството за миграција, кое ја има една од најважните улоги годинава поради бегалската криза, отсега ќе биде посебно министерство, а посебни министерства ќе бидат и министерството за дигитална политика, министерството за енергетика и министерството за реформи. Одделно ќе функционира и министерството за туризам, кое досега беше под капата на министерството за економија, развој и туризам. Ова министерство сега ќе биде само за економија и за развој, а ново име ќе има и министерството за транспорт, инфраструктура и за патни мрежи, кое ќе биде само министерство за инфраструктура и за патни мрежи зашто транспортот сега ќе биде под надлежност на министерството за поморска политика.

Одобрувањето на претседателските декрети за промена во министерствата одново ги загреа медиумските гласини за брза владина реконструкција. Сепак, од владиниот кабинет ги демантираа информациите, посочувајќи дека не се работи за претседателски декрет туку за планови на владата кои се доставени до Уставниот суд за да се провери дали се во согласност со грчкиот Устав, како и дека тие не се испратени до грчкиот претседател.

„Како што истакна владиниот потпарол, реконструкцијата не е приоритет за грчкиот премиер во моментов“, се вели во соопштението од владиниот кабинет.

Реконструкцијата, која се најавува со недели и се очекуваше да се случи околу 28 октомври, во моментов е одложена поради ситуацијата со концесиите за грчките телевизии. Владата е фокусирана на обидот да се состави советот за радиодифузија. Првиот обид да се постигне консензус во собранието на оваа тема пропадна поради несогласувања меѓу владата и Нова демократија, а темата повторно ќе се разгледува на нов состанок на претседателите на грчкото собрание в четврток. Доколку и овој обид пропадне, можно е владата да предложи закон за привремени концесии, кои ќе мора да ги платат сите телевизии за емитување програма и за користење фреквенција.