Чудо во ЛА, Лејкерси го декласираа шампионот

Кошаркарите на ЛА Лејкерс го направија најголемото изненадување во НБА лигата, во тековната сезона, откако на домашен терен го декласираа актуелниот првак Голден Стејт (112:95).

Image

Лејкерси, тимот кој го има вториот налош скор во лигата, одиграа перфектен меч и на крајот стигнаа до 13-та победа во 64-от натпревар сезонава. Од друга страна Голден Стејт го запиша само шестиот пораз.

Одбраната на Лејкерси, предводена од Бразилецот Марселињо Уертас кој успеа да го запре Стеф Кари, беше клучна за изненадувачката победа на „езерџиите“.

Најсилното оружје на шампионот, шутот за три поени, воопшто не функционираше на овој меч, Голден Стејт погоди само четири од 30-те обиди за три поени, а двајцата најдобри шутери во светот Кари и Томпсон имаа катастрофална шутерска вечер, тие заедно погодија само една тројка од 18 обиди.

Блеска на овој натпревар младите играчи на Лејкерси, Дианџело Расел кој постигна 25 и Џордан Кларксон кој уфрли 21 поен. Бразилецот Уертас мечот го заврши со 10 поени и девет асистенции.

На спротивната страна Кари и Томпсон погодија 13 од 40-те обиди од поле. Кари постигна 18, а томпсон 16 поени.

Драматичен меч одиграа Денвер и Далас, кој заврши со победа на домашниот тим 116:114, по едно продолжение. Денвер на волшебен начин стигна до триумфот, откако во регуларниот дел за само седум секунди успеа да ја стигне предноста на Далас од четири поени. Во продолжението пресудија поените на Огастин.

Фарид со 25 поени и 20 скокови го предводеше Денвер, додека кај Далас најдобар беше Новицки со 30 поени.

Џејмс Харден постигна 40 поени на кои придидаде 14 асистенции што беше доволно Хјустон да слави против Торонто 113:107. Мајами со 103:98 ја совлада Филаделфија. Драгиќ и Вејд го предводеа победникот со по 23 постигнати поени.

Оклахома славеше во Милвоки 104:96. Дурент постигна 32 поени, а Вестбрук го забележа десеттиот ’трипл дабл’ во сезоната (15 поени, 10 скока, 11 асистенции). ’Трипл дабл’ на споритвната страна забележа и Гркот Андетокумбо (26 поени, 12 скокови, 10 асистенции), а Паркер постигна 26 поени.

Реџи Џексон постигна 30 поени во триумфот на Детроит над Портланд (123:103), додека Феникс го изненади Мемфис и славеше со 109:100. Девин Букер постигна 27 поени за победничкиот тим.