Шилегов го вика Груевски јавно да сведочи, Саздов го вика Заев

Премиерот Никола Груевски да се појави на јавно сведочење пред Анкетната комисија за прислушувањето, побара во среда претседателот на Анкетната Петре Шилегов, додека, пак, членот на комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Павле Саздов, го повика да сведочи лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 Image

Шилегов испратил писмо до премиерот Никола Груевски, в среда, на 20 јануари да се појави на јавно сведочење пред Комисијата, а воедно, испратил и писмо до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски со кое се бара тој ден да не се закажува пленарна седница за сите пратеници кои се членови на комисјата да дојдат на  сведочењето на Груевски.

„Не е политички исправно претседател на Влада да се крие од јавноста. Негова морална и политичка одговорност е одговорите да ги даде јавно. Претходното сведочење на Никола Груевски кое беше тајно се сведе на 14 пати повторување на напишан текст на лист хартија. Барем одговорите да ги научеше на памет“, рече Шилегов.

Вели дека Заев е подготвен веднаш по јавното сведочење на Груевски да се појави пред Анкетната комисија, бидејќи немал „од што да се крие“.

Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Павле Саздов пак, јавно повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев да избере датум до 31 јануари и да дојде да сведочи пред Анкетната комисија.

„Јавно го повикувам, од денес до 31 јануари, термин кој што е назначен како краен за оваа Анкетна комисија да финализира со еден извештај, да одбере датум и време во кој што ќе дојде и ќе одговори на многу прашања кои што нè засегаат нас како пратеници, меѓутоа и целокупната македонска јавност. Од денес до 31 јануари, нека одбере господинот Зоран Заев термин, датум и време кога ќе дојде да сведочи пред Анкетната комисија. Тоа е согласно Деловникот за работа на оваа Анкетна комисија, односно одлуката за нејзино формирање“, вели Саздов, кој додава дека не е точно оти премиерот Груевски ништо не кажал, туку дека политичарите можат сами да изберат дали ќе сведочат јавно или тајно.

Дополнително, тој упати критика дека претседателот на Анкетната комисија Петре Шилегов не го почитува Деловникот.

„Зоран Заев е смртно исплашен да дојде и да сведочи пред Анкетната комисија за скандалот со прислушкувањето. Следен на ред  да биде испрашуван пред Анкетната комисија, а согласно нивните јавни изјави е господиниот Зоран Заев. Зоран Заев е смртно исплашен од Анкетната комисија, Зоран Заев е смртно испашен од вистината, Зоран Заев е смртно исплашен од избори, Зоран Заев е смртно исплашен од волјата на народот“, рече тој.

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето која е формирана согласно Договорот од Пржино неколку недели не функционира откако повиканите владини функционери и членови на ВМРО- ДПМНЕ кои требаше да сведочат не се појавија ниту ја известија Комисијата за тоа, а Груевски и министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески се одлучија да сведочат зад затворени врати.

Според опозицијата Анкетната комисија која треба да утврди политичка одговорност за скандалот треба да биде јавна и транспарентна со директен пренос на седниците, како што е предвидено во Пржинскиот договор.

Извештајот на Анектната комисија кој требаше да биде готов кон крајот на номеври се пролонгираше до 31 јануари, поради пробивање на повеќето точки од Договорот од Пржино.