Турција ќе се повлече од договорот за имигрантите со Европската унија доколку на нејзините граѓаните не им бидат укинати визите за влегување во Шенгенскиот простор, предупреди во понеделникот турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Во екот на затегнувањето на односите меѓу Анкара и Брисел, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу повтори дека „не е возможно“ неговата земја да ги ублажи антитерористичките закони, што е еден од 72-та услова коишто ги побара Европската унија за укинувањето на визите за турските државјани.
„Им рековме: ‘Ние не ви се закануваме’. Но постои реалност. Склучивме два договора и едниот е поврзан со другиот“, изјави Чавушоглу.
Доколку е потребно, продолжи Чавушоглу, Анкара би можела да преземе „административни“ мерки за блокирање на договорот за мигрантите. Минатата седмица турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека „од турскиот парламент нема да излезе никаков закон“ во врска со договорот со ЕУ, доколку не се постигнат резултати околу визите.
За Турција договорот за либерализација на режимот на пристапот за нејзините граѓани во Шенгенскиот простор до крајот на јуни е незаобиколен услов за продолжување на примената на поширокиот договор за мигрантите кој овозможи намалување на приливот на илегалните мигранти кон западна Европа.
Сепак, укинувањето на визите до крајот на предвидениот рок не изгледа веројатно, имајќи предвид дека Ердоган се спротистави на измените на правната дефиниција на „тероризмот“ во турското законодавство. ЕУ таа дефиниција ја смета за „преширока“, бидејќи во многу случаи Анкара ја користи за да гони универзитетски професори и новинари поради „терористичка пропаганда“.