Поранешната републиканска кандидатка за потпретседателка на САД, Сара Пејлин, го поддржа милијардерот Доналд Трамп во трката за номинацијата на Републиканската партија на претседателските избори во ноември годинава.

„Горда сум што можам да ја поддржам кандидатурата на Трамп за претседател на САД“, порачува Сара Пејлин во изјавата што ја објави изборниот тим на Доналд Трамп, објави весникот The New York Times.
Пејлин, ппоранешната сенаторка од Аласка, во 2008 година се натпреваруваше за местото потпретседателка на САД, како заменичка на републиканскиот кандидат Џон Меккејн, но не успеа, бидејќи на тие избори победи кандидатот на Демократската партија, актуелниот американски претседател Барак Обама. И покрај поразот, Сара Пејлин стана една од иконите на американските конзервативци, која особено ја поддржува ултраконзервативното движење Tea Party (Чајанка).
„Многу сум почестен што ја добив поддршката на Сара. Таа ми е пријателка и лице со високи квалитети пред која чувствувам голема почит. Горд сум што ја имам нејзината поддршка“, истакнува Трамп во изјавата за јавноста.
Поддршката од Сара Пејлин може да му помогне на контроверзниот но водечки меѓу републиканските претенденти Трамп пред почетокот на внатрепартиските избори во сојузната држава Ајова., каде што се очекува голема битка меѓу него и сенаторот од Тексас, Тед Круз.
Интересно е што Пејлин пред четири години го поддржуваше токму Круз во трката за сенаторското место, на што тој повторно ѝ се заблагодари и по вестите дека му ја изразила поддршката на Трамп.
„Ја сакам Сара Пејлин, Без нејзината поддршка немаше да бидам во Сенатот. Без оглед на тоа што таа го прави во 2016 година, секогаш ќе бидам нејзин обожавател“, објави Круз на својот Twitter.