Астронаутите од Меѓународната вселенска станица (ISS) успеале да го одгледаат првиот цвет во Вселената, објави на Twitter американскиот астронаут Скот Кели.

„Ви го претставуваме првиот цвет во Вселената“, напиша Кели објавувајќи фотографија на процутената портокалова цинија.
Цинијата (Zinnia), којашто потекнува од јужна Американ, лесно се одгледува на Земјата, но вселенското градинарство има повеќе проблеми. ‘Ртењето во услови на микрогравитација досега претставуваше најголем проблем за одгледувањето растенија.
Циниите во декември не беа во најдобра состојба поради појавата на мувла, но закрепнаа благодарејќи на секојдневната грижа на Кели, соопшти американската агенција за вселенски истражувања NASA.
Одгледувањето цвеќиња е дел од поширокиот проект на вселенската агенција наречен „Veggie“ и е посветен на култивирањето на растенијата во Вселената. Крајната цел е производство на храна за обидите на некоја идна човечка мисија на Марс, што би било еден од клучните фактори за нејзиниот успех.
Астронаутите минатата година веќе ја имаа првата берба на салати, а првите домати се очекуваат во 2017 година.
Растенијата се одгледуваат без земја, во специјален раствор од вода и хранливи материи. Така, на растенијата не им се потребни толку вода и ѓубрива, и растат трипати побрзо отколку во земја.