Францускиот претседател Франсоа Оланд ја помилува во понеделникот 68-годишната Жаклин Соваж, жената осудена за убиство на сопругот насилник, во случајот кој ја подели француската јавност.

Иницијативата за помилување на Жаклин Соваж ја покренаа нејзините три ќерки, откако во декември ѝ беше одбиена жалбата. Петицијата на интернет во изминатиот период, пак, ја поддржа 380.000 луѓе. Претседателот Франсоа Оланд во неделата се сретна со ќерките и се согласи да ја помилува нивната мајка.
„Поради вонредните човечки околности, претседателот сака да овозможи г-ѓа Соваж повторно да биде со своето семејство што е поскоро можно“, соопштија од Елисејската палата. Соваж ќе излеза на слобода во април, по три години одлежана казна.
Соваж 47 години била во брак со Норберт Марот, насилен алкохоличар кој често ја силувал и ја тепал, и на други начини ја злоставувал и неа и заедничките три ќерки и синот. Во септември 2012 година, ден откако синот се обесил, Соваж го застрелала сопругот со три куршума во грбот. Поголемиот дел од јавноста беше на нејзината страна, но според францускиот закон самоодбраната мора да биде пропорционална и се признава само во директен одговор на чинот на насилство.
Претседателското помолување е овластување коешто француските претседатели го користат извонредно ретко. Но ова е вторпат Оланд да го користи ова свое овластување. Во 2014 година го помилуваше Филип Ел Шенави, тогаш затвореник со најдолг стаж во земјата, кој зад решетки минал 38 години.
Еден од најпознатите случаи на помилување од претседателот во историјата на Француската Република е на Алфред Драјфус, офицер на француската армија кој бил осуден за предавство, во познатиот случај „аферата Драјфус“, кој исто така ја поделил Франција и денес се смета како теорија на заговор. Драјфус во 1899 година е рехабилитиран од тогашниот претседател Емил Лубе, откако ја докажал својата невиност.