Чудесната фудбалска приказна на семејството Бабунски

„Фудбалот прави чудесни работи, нели? “ ова е впечатокот на Давид Бабунски откако  го предводеше составот на македонската репрезентација до 21 година во победа од квалификациите за Европското првенство 2015 година.

Babunski_David

Македонија победи со 1-0 против Азербејџан, но тоа не беше она што го направи натпреварот толку посебен. Имено, историјата беше напишана во Скопје кога 19 годишниот Давид и неговиот брат Дориан истрчаа заедно во првиот состав на Македонија во формацијата која ја состави нивниот татко, Бобан Бабунски. Македонија за прв пат во меѓународен натпревар имаше комбинација татко-син.
“Одигравме навистина добар натпревар и победивме,“ објаснуваше Давид, зборувајќи со неговите блиски во микс зоната по натпреварот. “Пред неколку години, фудбалот беше причина што како фамилија бевме разделени, но сега е причина за нашето повторно заедништво и тоа нè прави многу среќни.“

Давид и Дориан веќе имаат фасцинантна фудбалска траекторија. Синовите на Бобан, поранешен репрезентативец на Југославија и Македонија, првично играа заедно во младинските категории, најпрвин за Граменет, а потоа за Корнеља, но во 2011 година патишта им се разделија. Давид се приклучи во младинската академија на Барселона, а Дориан во лутиот ривал, Реал Мадрид. Во меѓувреме, Бобан се врати во Македонија и ја започна тренерската кариера.

Нашето обединување против Азербејџан беше навистина возбудливо искуство. „Растејќи, отсекогаш било мој сон да играм заедно со мојот брат во дресот на репрезентацијата, а нашиот татко да биде тренер,“ вели Дориан, две години помлад од Давид. „Јас сум воодушевен што мојот сон стана реалност.“

Dorijan

И ова во ниеден случај не е единствениот сон на браќата Бабунски кој се оствари оваа година. Во јули Давид беше промовиран во тимот на Барселона Б, а веќе следниот месец офанзивниот играч од средниот ред – забележан по својата техника, визија и убиствени додавања – го имаше своето меѓународно сениорско деби кога А репрезентацијата на Македонија ја победи Бугарија со 2-0 на пријателскиот натпревар во Скопје. Кога станува збор за Дориан, напаѓач кој еднакво добро игра со двете нозе, како и во воздушните дуели, тој одигра забележителен натпревар за репрезентацијата до 21 година против Норвешка во јуни, по што го потпиша договорот со тимот на Реал Мадрид Б во септември.

Семејството Бабунски мина долг пат откако Бобан ја започна својата фудбалска кариера во далечната 1986 година, дебитирајќи за ФК Вардар од Скопје на 18 годишна возраст. Откако настапуваше како дел од златната генерација на Вардар, централниот бек исто така има играно и за ФК АЕК Атина, ПФК ЦСКА Софија, УЕ Леида, ЦД Логроњес и Гамба Осака. Потоа се насочи кон тренерската кариера, водејќи ја А репрезентацијата на Македонија како в.д. селектор во 2005 година, пред да биде назначен за селектор на репрезентацијата до 21 година во 2009 г.

„Кога ги повикав Давид и Дориан за натпреварите против Азербејџан и Норвешка бев свесен дека превземам голем ризик, но сепак на крајот бев задоволен од целиот тим, вклучувајќи ги тука и моите синови.“ објасни 45 годишниот тренер. „Не бев во состојба да го следам секој нивни настап во клубовите во последно време, и мора да истакнам дека нивната игра на натпреварот против Азербејџан и за мене беше пријатно изненадување.“

Се разбира, доколку дојде денот кога Давид и Дориан ќе се спротистават на Ел Класико играјќи за нивните шпански клубови, тоа Бобан „не би го пропуштил за ништо на светот“. Што се однесува до тоа за кој од тимовите би навивал, одговорот не е воопшто лесен да се даде. „Баш пред некое време се прашував што ќе се случи доколку дојде до тоа. Како родител, за мене нема да биде важно кој ќе победи, а кој ќе загуби, но би сакал и двајцата да го дадат својот максимум и да дадат сѐ од себе на теренот, токму како што се навикнати да прават.“