Интервју со Александар Трајковски, најмладиот играч на А репрезентацијата на Македонија

Александар Трајковски е еден од најмладите играчи некогаш повикани во составот на А репрезентацијата на Македонија, првиот повик го доби со само 17 години.

aleksandar_trajkovski2

Иако сеуште млад, тој веќе има испишано играчка историја вредна за почит, со што докажа дека со многу работа и квалитет успехот е неизбежен и нема да остане незабележан.

Од која школа потекнуваш, кои беа твоите почетоци? Можеш ли накусо да ни ја раскажеш твојата приказна?

Моите почетоци беа во еден мал клуб во нас. Драчево – ССК, каде играв 5 години. Следното скалило беше Цементарница, каде на 16 годишна возраст се приклучив во младинската школа, а веќе следната година се приклучив кон првиот тим. Во Цементарница имав една одлична сезона и тоа беше причина во 2010 година да бидам повикан на проба во Динамо Загреб – три месеци поминав во нивната младинска школа. Ова беше многу драгоцено искуство за мене, бидејќи ми беше дадена можност да напредувам во кариерата со само 17 години. За Динамо Загреб одиграв 7 натпревари на кои постигнав 4 погодоци и на некои начин мојот квалитет беше препознаен од мојот менаџер, посочувајќи ми дека со ваква игра можам да се приклучам кон првата екипа на некој од хрватските прволигаши. Истата година добив покана од Интер Запрешиќ, потпишав договор, но според правилата на УЕФА, требаше да чекам да наполнам 18 години за да можам да настапувам за нивната прва екипа. За мене искуството во првата хрватска лига беше одлична можност да напредувам, бидејќи квалитетот на хрватската лига претставува предизвик за секој млад играч. Мора да споменам дека првата полусезона ми беше тешка, не беше лесно да се прилагодам на новата средина и условите, но веќе втората полусезона бев во можност да си ги покажам вистинските квалитети и да давам голови.

Имаш настапувано и за младата екипа на Челзи. Како ја доби оваа можност? Какво искуство носиш од тој настап?

Мислам дека добрата полусезона во Хрватска беше пресудна да добијам повик од Челзи да настапам за нивната екипа до 19 години. Овој момент за мене беше толку значаен, што во прво време навистина не можев да поверувам дека е вистина. Ми стана јасно дури откога менаџерот ми кажа да ги пакувам торбиците, бидејќи за два дена треба да бидам во Лондон! Мислам дека секој фудбалер сонува да заигра за еден таков голем клуб, тоа е искуство што се памeти цел живот и значи многу во кариерата, без разлика што во мојот случај се работеше за нивната млада екипа. Повикот беше за настап на Купот на Амстердам, во Холандија, каде Челзи настапувал шест години по ред и никогаш дотогаш го немаа освоено трофејот. Најдраго ми беше што токму во 2010 година кога јас настапив за нив Челзи го освои купот. Тоа за мене претставува огромен успех, бидејќи настапивме со многу големи екипи: Ајакс, Севиља, Ботафого, Флуминесе…

За мене лично најважен момент од тој турнир беше кога во финалето против Севиља победивме на пенали. Јас бев еден од стрелците и постигнав погодок, мој втор погодок за време на турнирот.

После турнирот добивме награди, го кренавме трофејот, еден незаборавен момент за млад играч како мене во тој момент. Тоа беше само еден повик во Челзи, меѓутоа сметам дека секогаш постои можност да добијам слична шанса. Токму затоа на секој натпревар го давам најдоброто од себе.

aleksandar_trajkovski

Како напредуваше твојата кариера понатаму? Каков беше патот до првата белгиска лига? Што за тебе значи тоа што Томе Пачовски е во истиот клуб?

Во Запрешиќ ја завршив полусезоната со 5 погодоци и 4-5 асистенции, по што следуваа повеќе понуди од други тимови, од кои најатрактивна беше онаа на Зулте Варегем од Белгија. Кога го направив трансферот имав 18 години и влегов во еден солиден тим во белгиската лига, што за мене беше огромна промена. Релативно млад отидов во нова земја, во нова средина, не го знаев јазикот, луѓето, се сретнав со притисок предизвикан од висината на трансферот и со очекувања за кои во прво време не бев сигурен дали можам да ги оправдам. Постојат повеќе видови на притисок, меѓутоа оној притисок кој е условен од висината на трансферот е многу негативен бидејќи те присилува да мислиш единствено на тоа што можеш да направиш да се докажеш, а не да се фокусираш на играта во целост. Секој добар тренер треба да му остави доволна доза на слобода на играчот да се изрази најдобро што може во функција на тимот.

Белгиската лига напредува, фудбалот во Белгија во целост е во подем, што може да се види и од настапите на нивната А репрезентација. Исто така, географски Белгија се наоѓа во срцето на Европа, лесно е за секој скаут или менаџер да стигне до таму и да присуствува на натпреварите, и токму затоа секој играч мора да го даде максимумот, бидејќи никогаш не се знае кој ќе дојде да ги гледа натпреварите и кој натпревар ќе биде клучен за неговата кариера.

Пристигнувањето и почетоците во Белгија не ми беа лесни, бев во нова средина, не го познавав јазикот, одев на часови, меѓутоа сметам дека мојот пат одеше во нагорна линија. Првата година имав мала минутажа во Зулте Варегеми тоа беше пресудно да побарам нов клуб. Го одбрав Мехелен меѓу другото зошто Томе Пачовски е таму и морам да кажам дека многу ми помогна да се вклопам во таа нова средина.

Што за тебе значат повиците во А репрезентацијата и во младата репрезентација?

Првиот повик за А репрезентација го добив кога имав 17 години, што беше вистински поттик за мене. Да се бранат боите на родната земја е нешто свето, и секогаш со задоволство одговарам на репрезентативните повици. Ми претставува огромна чест што селекторите одлучуваат да ме повикаат во составот. Минатата генерација на младата репрезентација имаше одличен настап во квалификацискиот циклус, со цели 18 месеци без пораз. Бевме многу блиску до креирање историја, но за жал не се пласиравме на европското првенство во Израел. Оваа генерација поседува многу квалитет. Имаме одличен тим, настапуваме тимски и играме за тимот. Ако ги добиеме овие два натпревари, ќе имаме големи шанси да се пласираме. Мотивацијата во тимот е голема, играме на домашен терен, на Националната арена, и искрено се надеваме дека ќе има публика да не бодри што за нас ќе биде особено важно на овие клучни натпревари.

Атмосферата во тимот е одлична, повеќето од нас добро се познаваат, и секој ден имаме сѐ подобра кохезија во тимот.

Кој е Александар Трајковски приватно? Колку често имаш прилика да се вратиш дома во Драчево? Дали пријателите гледаат на тебе како на ѕвезда?

Единствена шанса да се вратам дома се настапите за репрезентацијата. Секогаш ќе останам истиот за моите пријатели, без разлика дали ќе играм во Реал Мадрид, Мехелен или било кои друг светски клуб. Тие секогаш ми даваат поддршка, и се разбира, доаѓаат да ги гледаат натпреварите кога играм за репрезентацијата во Скопје.

Кои се твоите лични очекувања во твојата профеионална кариера? Што сонуваш?

Уште од мал сонував да бидам дел од некој голем клуб од светски ранг. Сега имам 20 години и играм во првата белгиска лига, имам долг пат пред себе, и секојдневно работам на својата техника, со цел да станам комплетен играч кој би можел да се вклопи во било која од најквалитетните лиги. Веќе не сум дете, времето проаѓа, и само со квалитетна и посветена работа ќе можам да се надевам да си го исполнам сонот – бидејќи сум голем фан на Милан, би сакал да одиграм барем една сезона за нив! Има многу млади играчи од Белгија кои направија одлични трансфери: Бентеке, Азар, Кевин де Бруин, Лукаку. Јас се познавам себеси, и сигурен сум дека доколку го покажам најдоброто од себе во текот на две до три сезони сите врати ќе ми бидат отворени!