Десет идеи за зимски дружења во двојка

Кога ќе се спуштат температурите под нула, најдобро ни е да останеме дома, под ќебе и да чмаеме со партнерот пред телевизор. Но, освен ако не сте обожавател на турски серии, треба нешто да преземете за оваа да не ви биде последна зима заедно.

par_zima

Многумина мислат дека зимата е „убиец“ на врската поради монотонијата на (не)излегувањата и немањето опции за интересно и квалитетно дружење. Но, без разлика дали се работи за први состаноци или за долгогодишни парови, овој период имате многу начини како да не ја изгубите првичната искра и да се забавувате заедно.

Зимски спортови

Снегот сè уште не паднал кај нас, но во секој момент го очекуваме :) И, ако двајцата сте спортски типови или љубители на снежните спортови, тогаш веќе имате одлична идеја за поминување време заедно пред вас. Можете заедно да уживате во скијање или сноубординг, што не е така скапо ако ги практикувате еднодневните екскурзии. Но, не е за занемарување и обичното „тепање“ со снег или санкање. Загарантиран убав помин и смеа.

Лизгање

И кога нема снег или немате можност да одите на скијање, секогаш можете да одите на блиското лизгалиште и да се лизгате фатени за рака. Дури и да не знаете и двајцата, секогаш имате добра прилика да се научите, придржувајќи се еден за друг и смеејќи се на вашите паѓања. Ова е одлична идеја и за прв состанок – физички контакт на претек :)

Викенд за двајца

Секогаш можете да ја разбиете вашата рутина со една вечер или викенд надвор од градот. Оттргнете се од познатото окружување на вашиот дом и поминете го викендот некаде настрана. Или, нека биде и хотел во вашиот град – одлична прилика да играте улога на француска собарка или дарежлива Баба Мразица :)

Сауна или масажа

Во текот на ладните викенди, можете заедно да одите во велнес центар, каде нудат и посебни романтични понуди за парови кои вклучуваат масажа за двајца и уживање во сауна. Отпуштете се двајцата, а кога ќе се вратите дома, проверете еден врз друг колку сте ги совладале техниките на масирање.

Вечера покрај камин

Ако немате камин за целосно уживање, можете да отидете во ресторан кој нуди зимска атмосфера. Или едноставно, направите вечера на свеќи дома, додајте топло чоколадо или варено вино и ќе имате чувство дека сте во дрвена колиба во некое ексклузивно скијалиште.

Домашен филмски маратон

Ако не ви е секојдневна рутина, организирањето на домашен филмски маратон може да биде одличен начин за поминување време заедно. Одберете ги филмовите заедно, обезбедете голема чинија пуканки и уживајте со вашето момче или девојка под топлото ќебе.

Друштвени или видео игри

Останувањето дома не мора да значи дека ќе се досадувате. PlayStation 3 или Xbox нудат одлична можност за забава, развивање на меѓусебниот натпреварувачкиот дух и да одредите што добива победникот. (Сексуална „услуга“ е секогаш одличен избор):) Доколку не поседувате некоја од конзолите за видео игри, секогаш можете да изнајмите на одреден период.

Ако сепак сте постаромодни, одлучете се за играње карти, монопол, сложување сложувалка или твистер – одлична прилика да бидете припиени во телата, а да не е тоа во кревет.

Подготовки за новогодишната атмосфера

Ако сè уште не сте ја декорирале овогодинешната елка, тогаш поставете ја заедно. Или, одете на шопинг и купувајте лампиони и разни новогодишни украси кои подоцна ќе ги поставувате заедно. Дури и самото шетање за рака низ огромниот избор кој се нуди по продавниците, ќе ви биде одлично поминато време.

Кино или музеј

Ако преку годината сте немале време за културни случување и секогаш имало нешто поинтересно да се прави на отворено, зимата е одличен период за тоа. Одете на некоја изложба, претстава или одберете филм и заедно погледнете го во кино.

Готвење

Најдете некој поекстремен рецепт или несекојдневен оброк и подгответе го заедно. И да не ви е готвењето силна страна, секогаш на крајот можете да нарачате пица и да не останете гладни :)

Со малку инвентивност и желба, и зимата може да биде интересно годишно време за поминување време заедно во двојка. Всушност, во овие ладни денови, зарем има поубаво нешто од тоа да имаш покрај себе некој со кој ќе можеш да се стоплиш? Било да е дома, во хотел или на отворено, искористете што ви нуди зимата.