Краток есеј: Предавство

a_spasovПоследниве пет-шест години јавната сфера е окупирана од „вредните офицери“ на диференцијацијата во современа Македонија (инаку диференцијација е процес на сегрегација на т.н. лојални или добри Албанци од т.н. нелојални Албанци во поранешна Југославија кој со посебна посветеност и жестина, а би рекол и значителен успех беше спроведуван во Македонија). Основната линија на поделбата е познатата диференцијација на „патриоти“ и „предавници“. При тоа патриотизмот започнува од умерениот „романтичен“ национализам (пред се по прашањето на спорот за името кој го наметна Грција), па се до полудениот хистеричен национал-шовинизам чија најголема метастаза е опседноста со докажувањето на праисториското потекло на СОВРЕМЕНАТА македонска нација, „инвентивна“ односно измислена археологија, „градење мит на водач“ (многу корисно, за зацврстувањето на националниот дух, што би рекол еден мој познајник- поранешен умерен, а сега „залуден“ десничар), па се до „вечните“ теории на заговор (според кои светот е свртен единствено кон нас, особено затоа што нашите државни археолози и митомани се на одличен пат да го најдат гробот на Александар, после чие отворање ќе се сменело читањето на светската историја, а богами и иднина). Фолклорниот (во најлоша смисла на зборот) дел од овој „патриотизам“ се целосно бесмислените приказни за „духот на Александар и неговите пораки до партиите во Македонија“, “тајните книги, бакарни или бронзени“, “патиштата на светците и Македонската судбина“, па се до најраспространетата клетва за оние кои ќе се „огрешат“ да одат на море во Грција дека треба „гром да ги удри“.

Во „предавниците“ влегува една цела групација на луѓе кои во нормални околности би биле дури и жестоки противници, но во оваа извитоперена ситуација, единствено што ги врзува е здравиот разум, базичната определеност за либерално и демократско општество, како и одбивноста кон секаков тип на авторитарен режим. Како „дел“ од „обележаните“ не можам да се изначудам до каде сме стигнале, штом и јас констатирав дека вредносните разлики се за некои други времиња, во ситуација кога темелите на „каква таквата“ демократија се пред рушење (инаку како ригиден противник на концептот „се што и служи на прагмата е корисно“, фасциниран сум од фактот дека мисловно сум на едно со поранешни „романтичари-револуционери“, неолиберали, апологетски бранители на верата во “слободниот капитализам“ итн). Но, o mores, o tempores, како би рекле старите Римјани. Лудилото не спои, нормалноста ќе не раздели.

Сепак, поентата на овој краток есеј не се квази-патриотите и нивните противници (етикетирани како предавници). Целта ми е да укажам на едно вистинско, а не фиктивно предавство. Вистинското предавство на интелектуалците во Македонија. Како млад додипломец и постдипломец, сметав дека Македонија има (со многу квази во неа) една изградена интелектуална авандгарда (да ја наречеме елита) која со сите свои недоследности, требаше да биде „јавната свест и совест“ на општеството, кое под влијание на „ПР-от“ на политичарите често не може, на време, да ги антиципира процесите, особено оние негативните. Овие „јавни интелектуалци“ својот бум го доживеаја со процутот на плуралните медиуми (особено печатените) и скоро секојдневно не бомбардираа со своите колумни, кои станаа престиж за секој интелектуалец и чест за медиумот кој ги има издавачките права. Колумнизмот стана толку привлечен што весниците почнаа и тематски да ги делат колумните, а кон крајот на деведесетите беа организирани и првите вербални војни со колумни (службено беа наречени полемики). Кога денес во архивите на весниците ги читам тие колумни ја сфаќам наивноста, но многу повеќе површноста на тие наши „учители по демократија“. Додека светот дебатираше за феноменот на постиндустриското општество, деиндустријализацијата, „нултиот економски раст“, демографскиот пад на Западот и демографската експлозија на „третиот свет“, обновата на социјалдемократијата и социјализмот (во идеологијата на „третиот пат“ и „критичката неомарксистичка левица“), ние се уште дебатиравме дали да одиме кон Исток или Запад, дали Русија ќе и врати на Америка, и уште пострашно дали “Милошевиќ бил добар, ама тие околу него не чинат, и дека не знаел за Сребреница). Иако не бев целосно задоволен со правецот во кој се движиме, морам да признаам дека благодарение на тој тогашен „глас на разумот“ и единствената слободоумна граѓанска мисла кај нас, бев и сум се уште убеден дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО интеграциите, дека либералната демократија е најдобар од сите политички системи, дека мултикултурализмот во Македонија освен што создава проблеми, е и голема нејзина предност. Во однос на моделот на „див капитализам“, брзата приватизација, флоскулата „државата е лош стопанственик“ , слободен пазар, економски ефикасен (читај никаков) систем на заштита на работниците итн., не само што и тогаш не бев целосно убеден, туку во меѓувреме станав и жесток идеолошки противник.

Нејсе, детството на демократската дебата се покажа многу позрело од нашата адолесценција. Само што станавме адолесценти (во 2006 година) се покажа грдото лице на многумина квази-интелектуалци. Како и секоја авторитарна структура, така и нашата, според моделот „ако можеш поткупи и замолчи ги, ако не казни ги“ се обиде да ја урне „кревката“ јавна сфера. Она што за мене беше и остана фасцинантно е брзината со која овие „промени“ се случија. Одеднаш многу жестоки критичари на системот и „вечни опозиционери“, не само што брзо се прилагодија (Германците имаат убав термин anpassen), туку, види богати, станаа и пожестоки „главосечачи“ на инакумислечките од самиот режим. Дел од нив тоа го правдаа со „новооткриениот патриотизам и зголемен сензибилитет“ во однос на грчката политика кон нас (инаку за спор кој трае преку дваесет години, и за кој не беа толку „сензибилни“ во нивното „независно и критичко доба“), а другиот дел едноставно открија дека, иако поранешни посветени Титови пионери, а голем дел и класно свесни самоуправувачи, всушност секогаш биле десно, море радикално десно ориентирани.

Она за што оддавам „признание“ на актуелната власт, е одличната психолошка проценка на тежината на добар дел од „јавните фаци“. Цврстината и релативната долговечност на актуелната политика е резултат токму на ова вистинско предавство на интелектуалците. Некогашните елитни граѓански интелектуалци денеска се сведоа на „турбо фолк“ толкувачи на владините политики. Како е обезбедена (или можеби купена) лојалноста не знам, но тоа не е ни важно за општиот контекст. Тоа што ми е јасно е дека влијанието на интелектуалците е потполно деградирано. Тоа е деградирано не само во време на актуелната владеачка структура, туку скоро потполно сум сигурен дека било која следна структура, нема ни на крај на паметот, да ги има ламентирањата на „мислечката елита“, сосема очекувано водејќи се по принципот дека девојката која еднаш си ја спуштила цената, не може да очекува достоинствен просител. Не постои смоквин лист кој ќе го прикрие срамот од предавството.
Но, сепак имам една дилема! Дали кога сето ова лудило еден ден ќе заврши, нашите „јавни фаци“ ке се правдаат како оној исончан жител на Липково кој во времето на конфликтот од 2001 г. запрашан од новинарот што видел, сосема итромански одговори „Ја ништо не знам, ја сам бил на подрум“ !?

 

м-р Александар Љ. Спасов

Ставовите изнесени во краткиот есеј се лични ставови на авторот и на никој начин не го претставуваат ставот на организациите во кои е професионално ангажиран!

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

 

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.