Наместо прес конференции, СЈО истрагите ќе ги објавува преку соопштенија

Првпат во досегашното постоење, Специјалното јавно обвинителство двете нови истраги со име „Тарифа“ и „Тенк“, наместо на прес-конференција, ги презентираше во јавноста преку соопштение на својата официјална интернет-страница.

sjo6

Последната прес-конференција СЈО ја одржа пред повеќе од два месеци, на 18 ноември минатата година.

Причината за ваквата промена во практиката на објавување истраги од СЈО официјално не ја соопштија, но тоа од СЈО го објаснуваат со моменталната „презафатеност“ и со времето кое се губи за подготовки и за одржување на прес-конференциите. Оттаму велат дека дента кога се држи прес-конференција, на неколку часа се блокира целото СЈО – од обвинителите до службениците.

Од кабинетот на Јанева не појаснуваат дали оваа нова практика на комуникација со јавноста има врска со критиките кон СЈО што ги изнесуваат и домашните аналитичари, но и странците.

На 25 октомври минатата година, европските дипломати во земјава на брифинг со новинарите, меѓу другото, истакнаа дека се загрижени што СЈО се нашло во центарот на предизборните кампањи на партиите и на власта и на опозацијата, секоја за свои цели, и рекоа оти сметаат дека е подобро во овој период СЈО да биде помалку видливо во јавноста, а да ја интензивира својата работа на случаите поврзани со незаконското прислушување.

СЈО, вклучително со последните две, досега отвори вкупно 11 истражни постапки и поднесе две обвиненија за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година и за уништување на документацијата поврзана со системите од незаконското прслушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

На прес-конференцијата одржана на 12 февруари 2016 година, беше презентирана првата истражна постапка на СЈО, под името „Титаник“, а по неа следуваа прес-конференциите за случаите „Тортура“, „Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ.“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“ и „Таргет“, презентиран на 18 ноември минатата година, кога СЈО ја одржа последната прес-конференција.

Извор: Мета.мк