Не ги занемарувајте промените во вашето тело

Без оглед на тоа што малигните болести се јавуваат без предупредување, постојат симптоми кои можат да укажат дека во организмот се случува нешто невообичаено. На ова предупредуваат стручњаците и напоменуваат на кои од нив би требало да обрнете посебно внимание.

izgled_nega_koza

Слабеење

Без диета или вежби, а со вообичаените животни навики, тоа може да биде последица од сериозни случувања во организмот. Губењето на телесна тежина може да укаже на неколку видови на карцином, меѓу кои и на канцер на панкреас и на желудник.

Покачена температура

Ако се случува во континуитет таа може да биде симптом на лимфом или леукемија. Ако е константна , никако не ја игнорирајте.

Болки

Кога не стивнуваат и се константни, исто така можат да бидат знак на малигни заболувања. Честите главоболки можат да укажат на карцином на мозкот, а болки во грбот на карцином на дебелото црево и јајниците.

Кашлица и засипнатост

Обично укажуваат на алергиски случувања. Меѓутоа, упорната кашлица и засипнатост што не престанува можат да укажуваат на карцином на белите дробови или грлото.

Јазолчиња на телото

Под кожата, на одделни делови од телото, би требало да ви го разбудат вниманието. Особено би требало да бидете внимателни доколку се напипуваат во пределот на градите, тестисите или близу лимфните јазли. Не треба да се плашите единствено ако се појават на рацете или на нозете затоа што најчесто станува збор за безопасни лојни цисти.

Необични крварења

И тие можат да бидат еден од знаците на карцином. Искашлувањето на крв може да биде последица од присуство на карцином на белите дробови, крвта во столицата може да упатува на промени во дебелото црево, а во урината на малиген тумор на бешиката. Постојаното вагинално крварење може да се јави заради карцином на грлото на матката, а крвта од брадавиците како последица на карцином на дојки.