Oбвинителството отвори истрага за случајот со измамените Македонци од САД за авиобилети

Основното јавно обвинителство – Прилеп почна предистражна постапка за случајот со измамени Македонци од САД за евтини авиобилети, потврдуваат од ова обвинителство за „Мета“.

obvinitelstvo1

„По поднесени кривични пријави од оштетени лица, во Основното јавно обвинителство – Прилеп заведени се два кривични предмети за  овој случај. Првиот предмет е против едно физичко и едно правно лице, а вториот предмет – против две физички лица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Измама од чл.247 од Кривичниот законик. По нив отпочната е предистражна постапка“, велат од Јавното обвинителство.

Како што вчера пишуваше „Мета“, повеќе од 30 тужби поднеле Македонците кои живеат во САД, против сопственичката на прилепската туристичка агенција „Сториа травел“, обвинувајќи ја за измама со евтини авиобилети.

Како што веќе објавивме, Македонци, иселеници, обвиниваат за измама со ветување дека купиле евтини авиобилети до скопскиот аеродром. Целата ујдурма настанала за време на новогодишните прослави за Македонците во дијаспората, кога, пејачката, Елена Јовчевска која ги забавувала, а е по потекло од Прилеп, им понудила евтини авиобилети до Македонија преку австриската авионска компанија „Aустриан ерлајнс“. Тие парите, пак, и ги исплаќале директно на сопственичката на туристичката агенција „Сториа травел“, Јасмина Јорданоска-Чебренска.

Тужба против агенцијата, каде што била вработена, поднела и пејачката Елена Јовчевска. Таа вели дека ќе излезе со конкретни информации кога ќе биде покренато обвинение.

Извор: meta.mk