Синоќа околу 23 часот, непознати сторители ја полиле со бензин и ја запалиле гаражата на новинарот и сопственик на порталот Публикум, Зоран Милошески.
Пожарот го забележал станар на соседната зграда, чиј автомобил бил паркиран непосредно пред гаражата на Милошески. Според неговото сведочење, вниманието му го привлекле огромниот пламен кој се издигнал во висина од неколку метри и светлината која произлегла од него. Тој веднаш се симнал од станот, се јавил во Полициската станица во Прилеп и со снег го гаснел огнот кој започнал од вратата на гаражата во која се наоѓал автомобилот сопственост на новинарот Милошески,.
Петнаесетина минути подоцна пристигнала екипа на ПС Прилеп, која заедно со инспектори од крим техника извршила увид на местото на настанот.
Според првичните неофицијални сознанија, пожарот е настанат откако извршители со бензин ја полиле и веднаш потоа ја запалиле вратата на гаражата во која бил паркиран автомобилот на Милошески. Освен што навремената реакција на соседот спречила пламените јазици да го зафатат автомобилот, неговата интервенција спречила огнот да се прошири на соседните објекти во кои се наоѓале опасни и запалливи материјали.
Од МВР – ПС Прилеп велат дека работат на случајот и се очекува во текот на следните денови, после добивањето на нови сознанија, да излезат во јавност со конкретни податоци.
Новинарот Милошески, е долгогодишен дописник на неделникот „ФОКУС“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“.
Извор и фото: Редакција ПУБЛИКУМ