Асад: Британија и Франција немаат волја да ги поразат терористите во Сирија

Британските, како и француските воздушни удари проти џихадистичката група Исламска држава во Сирија, се нелегални бидејќи не се преземаат во договор или координација на владата во Дамаск, и ќе претставуваат поддршка за глобалниот тероризам, зашто западните сојузници немаат волја и стратегија како да се поразат терористите, вели сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто објавено во неделата за британскиот весник The Sunday Times.

Image

Исмевајќи ја стратегијата на британскиот премиер Дејвид Камерон, сирискиот претседател Башар ал-Асад вели во врска со одлуката Велика Британија да се приклучи на воените удари во Сирија дека „Тоа ќе биде штетно и ќе биде поддршка за тероризмот“. Весникот притоа истакнува дека интервјуто е направено пред британските парламентарци во средата вечерта да го изгласаат предлогот на Камерон и Лондон уште во четвртокот утрото да започне со нападите.

Асад повторува дека Лондон и Париз ги поддржуваат терористите, бидејќи покрај тоа што немаат визија и стратегија учествуваат во коалицијата предводена од САД во којашто се и земјите кои ги спонзорираат терористите, а исто така и дека тие дејствуваат нелегално, без да бидат повикани од Дамаск или со резолуција од Обединетите нации.

„Не можете да ги победите само со воздушни удари. Повторно нема да успеат. Не можете да отсечете дел од ракот. Морате сосема да го отстраните. Вака како што тие ја спроведуваат операцијата, е како да отстрануваат дел од ракот. Со тоа тој само ќе се прошири на целото тело“, порачува Асад.

Одговарајќи на прашањето за ткн наречени „умерени“ опозициски бунтовници коишто го поддржуваат западните земји, Асад вели дека на почетокот од сирискиот конфликт во март 2011 година, не постоеле никакви сили кои биле нарекувани „умерени милитанти“ во оваа арапска земја.

Иронично се осврнува на „70.000 умерени сириски борци“ кои ги спомена британскиот премиер Дејвид Камерон, според кого, западната коалиција би можела да се потпре на нив. „Каде се? Каде се 70.000 ткн умерени за кои зборува? Ги нема 70.000, ги нема ниту 7.000“, вели сирискиот претседател.

Сирискиот претседател, исто така, истакнува и дека откако започнале воздушните напади на коалицијата предводена од САД, пред година и половина, до пред почетокот на руската интервенција (на 30-ти септември), џихадистите ја зголемите територијата која ја контролираат.
Асад, напротив, ја пофали руската воздушна интервенција во неговата земја, која ја оценува како легалана, бидејќи Москва се одѕвала на неговиот повик. Запрашан за можна руска копнена интервенција, сирискиот претседател вели дека за таа тема „уште не се расправало“. Но вели дека руската интервенција покажала дека траба да се формира антитерористичка коалиција и како легално да се соработува против глобалниот тероризам.

„Во крајна линија, ние сакаме да се реши ситуацијата во Сирија и да се спречи натамошното крвопролевање. Тоа е нашата мисија. Не станува збор за љубов или омраза,прифаќање или не, таква е реалноста. Доколку навистина се подготвени да ни помогнат во борбата против тероризмот, треба да спречат терористите да доаѓаат во Сирија поддржани од ‘сурогат’ владите во нашиот регион. Доколку се подготвени, ќе им посакаме добредојде. Тоа не е лично прашање“, истакнува Асад на прашањето за можна соработка со западните земји.

Во врска со средбата на опозицијата којашто ја поддржуваат сунитските арапски земји и западот, која се организира во Ријад, Асад вели дека „Саудиска Арабија го поддржува тероризмот директно, јавно и експлицитно“. „Таа средба (на опозицијата) нема да смени ништо, тие како и пред тоа и потоа ќе ги поддржуваат терористите“, смета сирискиот претседател за кого тоа не е репер за кој вреди да се зборува.

На прашањето дали ќе се кандидира за претседател доколку бидат распишани избори во рамките на политичката трансформација во земјата, како што се предвидува во меѓународните мировни преговори, Асад вели дека „доколку биде постигнат договор околу таква постапка, имам право да се кандидирам како и секој други Сириец“, со што го повторува својот став дека за неговата политичка иднина можат да решаваат само Сиријците на избори, отфрлајќи ги настојувањата на Турција и Саудиска Арабија и Западот, неизоставно да си замине од должноста и до политичката сцена.