Бегалец убиен во тепачка меѓу мигранти на македонско-грчката граница

Еден бегалец е убиен, а двајца други се повредени денеска при тепачка меѓу имигранти на грчката страна од границата кон Македонија, објави електронското издание на атинскиот весник „Катимерини“.
Image

Според весникот, тепачката, која се случила рано изутринава, започнала меѓу група имигранти кои чекале на границата за влез во Македонија. Причините за тепачката не се познати.

„Катимерини“ наведува дека во последново деноноќие од Грција во Македонија преминале околу 2.000 бегалци, додавајќи дека минувањето на границата се одвива без застој.

Неколку невладини организации и активисти реагираат затоа што бегалците не се сместуваат во времениот камп во пограничното село Идомени, туку чекаат на една бензинска станица на околу 20 километри од границата.

Според грчката полиција, во времениот камп во Идомени се сместени околу 500 бегалци, додека на посочената бензинска станица чекаат 39 автобуси со вкупно 2.000 лица, кои чекаат да бидат префрлени во неутралната зона на границата меѓу Грција и Македонија.