Брејк на Далас, ГС може и без Кари

Далас направи брејк во Оклахома со победата 85:84 и го израмни резултатот во плејоф серијата на 1:1, а истиот резултат е и во серијата помеѓу Торонто и Индијана, откако Репторс славеа 98:87. Бранителот на титулата Голден Стејт и без Стеф Кари славеше над Хјустон 115:106 и по првите две средби води 2:0.

Image

Оклахома во првиот меч го декласира Далас, но Новицки и екипата во вториот меч успеа да го сопрат Кевин Дурент и да победат 85:84. Дурент го одигра веројатно најлошиот меч во плејоф кариерата, тој постигна 21 поен, но погоди само седум од 33-те обиди од поле (2/11 тројки). Шутерски не беше расположен ниту Расел Вестбрук (шут 8/22, 1/6 тројки), кој имаше учинок од 19 поени и 14 асистенции.

Плејмејкерот Рејмонд Фелтон со 21 поен и 11 скокови, односно Дирк Новицки со 17 поени го предводеа Далас.

Инаку Оклахома имаше можност да победи, откако Фелтон на седум секунди до крајот ги промаши слободните фрлања, Дурент беше изблокиран од Межри, а потоа Вестбрук не погоди, а потоа поените на Адамс беа поништени бидејќи биле постигнати по истекувањето на времето.

Голден Стејт максимално ја искористи предноста на домашниот терен и по воведните две средби води 2-0 против Хјустон. Вориорс до триумфот 115:106 стигнаа без најдобриот играч Стеф Кари, кој на првиот меч го повреди глуждот на десната нога, поради што стручниот штаб решил да не ризикува.

Во отсуство на Кари, прв играч на Вориорс беше Клеј Томпсон кој постигна 34 поени, а на своето ниво беше и Дрејмон Грин (12 поени, 14 скокови, 8 асистенции). Отсуството на Кари го компензираа Андре Игудала (18 поени) и Шон Ливингстон 16 поени, 6 асистенции).

Хјустон го предводеше Џејмс Харден со 28 поени (1/8 за три, 13/15 слободни) и 11 асистенции.

Торонто со тимска игра успеа да слави во вториот меч со Индијана 98:87 и да израмни во серијата на 1:1. Литванскиот центар Јонас Валанчунас со 23 поени и 15 скокови беше предводник на Репторски, а покрај него уште четворица играчи постигнаа двоцифрен број на поени.

Кај Индијана само двајца кошаркари постигнаа двоцифрен број на поени: Пол Џорџ 28 и Монта Елис 15 поени.