Во сончевиот Систем можеби постои и деветта планета

Американските научници откриле траги и докази коишто упатуваат на заклучокот дека во Сончевиот систем се наоѓа уште една, деветтата планета, многу голема и којашто е околу 20 пати пооддалечена од Земјата отколку Нептун, објавено е во средата во списанието Astronomical Journal.

Image

Масата на вселенското тело наречено „Деветтата планета“ би можела да биде околу пет до десет пати поголема од Земјината, а орбитата околу дваесет пати оддалечена од орбитата на Нептун кој околу Сонцето се врти на просечна оддалеченост од 4,5 милијарди километри.

Всушност, за таа планета да заврти околу Сонцето потребно ѝ е меѓу 10.000 и 20.000 години, додаваат научниците Константин Батигин и Мајкл Браун од Калифорнискиот технолошки институт (CALTEC) кои ја откриле планетата преку математички модел и компјутерска симулација во текот на проучувањето на движењето на малите небески тела зад орбитата на Плутон.

Доколку се потврди постоењето на таа планета којашто научниците директно не ја набљудувале, тоа би претставувало „деветтата планета“ од Сончевиот систем, истакнува Браун, професор по астрономија на планетите. „Голем дел од сончевиот систем допрва треба да се открива и тоа навистина е возбудливи“, додава.

Според мислењето на научниците, гасниот гигант би можел да биде зафрлен во далечната Вселена, на периферијата на Сончевиот систем, „под дејство на гравитациските сили на Јупитер или на Сатурн“.

Истражувачите веруваат дека во текот на следните пет години астрономите ќе можат преку телескоп од Земјата да ја видат оваа „планета“, бидејќи сегашната современа оптичка техника тоа не го овозможува.

Плутон, откриен во 1930 година, долго време беше сметан за деветтата планета на Сончевиот систем, но Меѓународното астрономско здружение во 2006 година поради неговите мали димензии, од планета го префрли во категоријата џуџести планети. Новооткриената планета не би го имала тој проблем, имајќи предвид дека неговата маса би можела да биде 5.000 пати поголема од на Плутон.