Во Франција започна судењето на „забарот на стравот и ужасот“

Судењето на Холанѓанецот Јакобус Марк ван Ниероп, наречен „забарот на стравот и ужасот“ поради сакатењата и мачењата на неговите пациенти во периодот од 2008 до 2012 година, започна во вторникот во Невер, во централна Франција.

Image

„Професија стоматолог“ одговорил на прашањето од судијата овој 51-годишен Холанѓанец, обвинет за нанесување монструозни повреди на устите и вилиците на повеќе од сто пациенти, пренесува AFP.

Јакобус Марк ван Ниероп им корнел здрави заби на луѓето, а десетици пациенти завршиле со скршени вилици, грануломи и сепса, и поради тоа се товари за напади и за нанесување многу тешки повреди и измами, бидејќи, исто така, било утврдено дека земал пари од пациенти и од осигурителните компании.

Му се заканува казна од десет години затвори и глоба од 150.000 евра.

Ван Ниероп за работа во местото, во коешто имало недостиг од кадар кој ќе дава медицински услуги, го ангажирала компанија за наоѓање дефицитарен кадар, а жителите го поздравиле доаѓањето на забарот кој „возеше џип, пушеше големи цигари и шеташе големо куче“.

Меѓутоа, во 2011 година станувало сé појасно дека неговите методи на лекување всушност личат на средновековните методи за мачење.

„Ми даде осум инјекции и одеднаш ми извади осум заби. Крвта ми течеше цели три дена“, изјави 65-годишната Силвиан Булестриз, којашто дошла кај него за проба на забна протеза.

Осумдесетгодишниот Бернар Угон раскажа дека по вадењето на забите „делови од ткиво ми висеа на сите страни“. Лошо минала и Никол Мартен која загубила повеќе заби поради грануломи и сепса.

Со помош на медицинските техничари кои работеле кај ван Ниероп, Мартен на почетокот од 2013 година започнала да ги собира жртвите на неговите „лекарски“ методи за да поднесат колективна тужба, а бројот на тужителите достигнал 120.

Ван Ниероп побегнал во Канада, но бил пронајден во канадското гратче Њу Брансвик и на Франција ѝ бил предаден во септември 2014 година