Вучиќ: Предвремените избори во Србија најверојатно на 24 април

Предвремените парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 24-ти април, а истиот ден би требало да се одржат и локалните избори, како и покраинските во Војводина, најави во вторникот вечерта премиерот Александар Вучиќ.

Image

Во следните два дена владата на Србија ќе му испрати на шефот на државата образложен предлог, а претседателот Томислав Николиќ одлучува кога ќе бидат одржани изборите. „Тоа најверојатно ќе биде 24-ти април“, изјави премиерот Александар Вучиќ во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС).

Појаснувајќи ги причините за одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори, Вучиќ изјави дека е „неопходно да се трасира патот на земјата за следните четири години, а клучната работа е дека Србија мора да биде обединета.

Според оцената на Вучиќ, изборите ќе бидат „референдум“ и одлука „дали Србија во 2020 година ќе биде модерна европска земја“, како и дали ќе го избере „патот во иднината или во минатото“.

„Суштината е за четири години да постигнеме европски стандарди. Србија мора да биде обединета. Сакам на граѓаните да им поставиме јасни цели – нашата задача е да покажеме кој е нашиот пат во иднината во следни четири години“, истакна Вучиќ.

Вучиќ ја отфрли можноста да соработува со десничарските партии кои се против НАТО, а исто така и со претставниците на опцијата дека против Русија треба да се воведат санкции. „Не ми паѓа напамет да правам компромиси поради останување на власт, ниту политички, ниту некакви поинакви“, додаде српскиот премиер.

Индиректно Вучиќ ја доведе во прашање соработката со сегашниот коалициски партнер, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на вицепремиерот и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, велејќи дека „на ’напредњаците’ социјалистите и досега не им беа потребни“, но дека тој „би сакал тие да бидат во владата и Србија да биде обединета“.

Обвинувајќи ја претходната власт дека Србија ја довела во тешка ситуација, Вучиќ нагласи дека во претходните 22 месеци колку што ја предводи владата, не биле лесен период, но дека сега „Србија е стабилизирана“, и покрај неповолната економска ситуација кога „беше пред банкрот поради неодговорните политики на претходните власти“, како и катастрофалните поплави од 2014 година.

„Успеавме да ја стабилизираме земјата и да ја спасиме од банкрот, да направиме шанси за иднината“, оцени Вучиќ, нагласувајќи дека „насекаде во светот се одбранети виталните интереси на Србија“.

„Благодарејќи на нашата политика не сме во Советот за безбедност на ОН прогласени за геноциден народ, а успеавме да победиме во намената царинска војна со Хрватска“, рече Вучиќ и истакна дека се сочувани интересите на српската држава и во врска со намерата Косово да стане членка на УНЕСКО.

Вучиќ истакна дека на Србија ѝ е потребно да се обедини околу политиката која на земјата ќе ѝ донесе добро и напредок, и ќе овозможи да стане пристојна и модрена држава.

Актуелната влада на Србија беше формирана на 27-ми април 2014 година, исто така по вонредни избори, а владејачката коалиција ја сочинуваат Српската напредна парија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ, која произлезе од Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ, и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на вицепремиерот и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, на поранешниот српски челник Слободан Милошевиќ.