Вaнхауте шокиран од актуелните состојби во Македонија

Олеснувачот во преговорите за спроведување на договореното во Пржино, Питер Ванхауте, во петок го има последниот работен ден во Македонија, но вели дека по одморот, веднаш ќе се врати и ќе делува преку граѓанскиот сектор.

Image

Ванхауте е шокиран од актуелните состојби во Македонија, особено од атмосферата на страв, потиснувањето на слободата, од големиот број луѓе кои се во притвор само поради тоа што и се спротивставиле на владата или одбиле да ги прифатат нејзините правила.

„Шокиран сум од големиот број луѓе, вклучително и судии, кои беа отпуштени последниве години. Шокиран сум од високото ниво на корупција, каде купувањето диплома и универзитетски звања е прифатена пракса, додека низ целата земја се вработуваат некомпетентни луѓе, пракса што ќе резултира во целосен крах на нормалното функционирање на земјата. И шокиран сум од слабиот квалитет на образованието, каде децата се учат дека некои луѓе, како банкари или политичари се подобри од луѓето од ‘пониските слоеви,’ и притоа мораат да учат фалсификувана историја“, вели Ванхауте за „Дојче веле“.

Тој смета дека Македонија не е подготвена за предвремени парламентарни избори на 5 јуни.

„Невозможно е во оваа временска рамка да се решат големиот број проблеми или проблемите со избирачките списоци. Со вештачко намалување на бројот на проблемите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да избега од својата одговорност по обвинувањата за организирана изборна измама на претходните избори и отфрла секаква одговорност за злоупотребите на изборните листи. Дополнително, повеќе медиуми се под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите за медиумските реформи пропаднаа затоа што партијата одбива да предаде било каква контрола врз медиумите и врз Агенцијата за регулација на медиумите“, вели Ванхауте

Тој додава дека не бил изненаден од актуелните проблеми, но изненаден е од апсолутниот недостаток на одговорност, како никој од јавните функционери да не е одговорен за ништо.

Сепак, за решавање на политичката криза во земјава смета дека најголемата пречка за позитивен исход е недостатокот на одлучност на меѓународната заедница.

„Речиси е невозможно за локалните граѓани да го вратат општеството во нормала. Промена на режимот преку избори повеќе не е опција. Меѓународната поддршка е единствена алтернатива, а итно е потребно дејствување. Тоа дејствување треба да резултира во создавање на ад хок техничка влада за најмалку 2-3 години, време кое е неопходно за решавање на бројните проблеми, во финансискиот менаџмент, судството, образованието и медиумите, со кои се соочува земјата“, вели тој.

Смета дека за да се подобрат состојбите со медиумите потребно е да се пресечат сите врски меѓу политиката и медиумите.

„Тоа вклучува и прекин на владиното рекламирање во медиумите, соодветен независен надзор над медиумите, силен и независен јавен сервис, немешање во програмата на телевизиите и радијата, исклучување на медиумите од директното влијание на сопствениците на медиумите и силен меѓународен мониторинг“, додава Ванхауте.

За тоа што некои сметаат дека неговите мемиња со мачки на Твитер се навредливи и понижувачки за владејачката партија и за државата, Ванхауте вели дека тоа било спин, затоа што таквите тврдења излегле на денот кога имал разговори со Државниот ревизор за злоупотребата на државни средства од страна на Агенцијата за електронски комуникации и сериозните нерегуларности во официјалните сметки на владејачката партија.

„Хуморот и иронијата досега се покажаа како ефективни средства за спротивставување на авторитарни тенденции“, вели Ванхауте.