Гвардиола од лето на клупата на Манчестер Сити

Фудбалскиот клуб Манчестер Сити потврди во понеделник дека на лето клубот ќе го преземе тренерот Жозеп Пеп Гвардиола, пренесе ББЦ.

Image
Гвардиола(45), во моментот тренер на Баерн Минхен, ќе го замени на клупата на ‘граѓаните’  Мануел Пелегрини, кој клубот ќе го напушти на 30 јуни, иако договорот му истекува во летото 2017 година.

Како што пренесува ББЦ, Гвардиола со Манчестер Сити потпишал тригодишен договор.

Тој и во 2012 година беше блиску да го преземе Сити, но тогаш преговорите не вродија со плод.

Пелегрини ја поддржа промената, а тој во својата кариера на Етихад освои една титула во Премиер лигата и Лига купот.

Во актуелната сезона Сити е во борба за титулата во Премиер лигата, ФА купот, Лига купот и Лигата на шампионите.

Гвардиола со Баерн во изминатите три сезони освои две титули во Бундес лигата, германскиот Куп, Супер купот на Европа и Светското клупско првенство, додека претходно со Барселона двапати беше шампион на Европа, со уште три титули во Примера и девет други трофеи.