Детето од Хиподром оперирано и стабилно, мајката во тешка состојба

 

Детето кое во понеделник неговата мајка го фрли од четвртиот кат од зграда во Хиподром е во стабилна состојба, а мајката која подоцна се фрли се наоѓа сè уште во тешка состојба, информираат за Макфакс од Ургентниот центар.

hipodrom

„Во текот на ноќта на детето му беше извршена операција на главчето и се наоѓа во стабилна состојба. Мајката продолжува со интензивно лекување и третман на КАРИЛ. Сè уште е во тешка состојба и треба мирување. Се надеваме на успех, но сè уште е рано да се каже“, велат од Ургентниот центар.

Во понеделникот утрото по семејна расправија, мајката го фрли својот шестгодишен син од тераса од четврти кат од семејниот дом, од зграда во скопската населба Хиподром, а потоа и самата се фрли.

Детето доле го дочекале и го фатиле неговиот татко и соседите, но при падот удрил во метална шипка од подолните катови.

По повеќе од половина час преговарање, се фрлила и мајката. Засега нема официјални информации што точно се случувало во домот и во каква психичка состојба била мајката.

макфакс