ДИК ќе ги повлече избирачките списоци од интернет

Од веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) ќе биде тргнат списокот со избирачи за теренска проверка, откако членовите на Комисијата едногласно одлучија да почитува решението коешто претходно во четвртокот го донесе Дирекцијата за заштита на личните податоци, која забрани објавување име, презиме, адреса, пол, општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место.

 Image

Со тоа Избирачкиот список со вкупниот број гласачи како и Списокот на неконзистентни записи, кои се предмет на теренски проверки кој опфаќа 89.000 спорни гласачи, ќе биде повлечен откако беше објавен пред три дена, но од ДИК најавија дека ќе поднесат тужба пред Управниот суд.

По однос на првото решение, за Избирачкиот список, во кој беше достапна проверка по име и презиме, адреса и место на гласање, донесена е одлука да се поднесе тужба пред Управниот суд со образложение дека повлекувањето на Избирачкиот список е во спротивност на Изборниот законик.

Дирекцијата за заштита на личните податоци ги донесе двете решенија откако по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во ДИК по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб-страница.

Според Дирекцијата, Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, со овозможувањето електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.
Виолета Дума, Игор Милев и претседаелот Александар Чичаковски, кои се предлози на опозицискиот СДСМ, не се согласиле да се обжали решението на Дирекцијата, бидејќи се уверени дека списокот за теренска проверка воопшто не требало да се објави. Двајца претставници во ДИК на најголемата опозициска партија, исто така, беа против одлуката да се тргне списокот со име, презиме, адреса и место на гласање, објавен пред речиси еден месец.

Сепак, мнозинството се изјасни дека треба да се испочитува и таа времена мерка, а истовремено и за неа да се поднесе тужба.

Во ДИК се согласуваат дека постапиле според Изборниот законик и дека објавувањето на списокот со сите гласачи било поддржано од Владата, но овој Закон не е усогласен со Законот за заштита на личните податоци.