Домашни козметички препарати од кафе

Сте помислиле ли некогаш дека кафето кое секојдневно го пиете може да ви послужи како козметичко средство за нега на кожата и косата? Еве неколку брзи трикови за правење козметички препарати со кои вашата коса и кожата на лицето ќе ви станат поубави.

Домашни козметички препарати од кафе

Лосион за освежување на лицето

Подгответе јако кафе, сипете го во калап за мраз и ставете го во фрижидер за длабоко замрзнување. Потоа чистете го лицето со коцките мраз. Овој препарат служи како тонер за лице со освежувачко дејство.

Тонер за потемнување

Подгответе свежо сварено кафе и со помош на памукче, протријте ја кожата на лицето, откако претходно ќе го натопите во течноста. Ваквиот тонер делува како природно средство за потемнување на кожата со бронзен ефект.

Крем за брчки

Измешајте една лажица ‘ржано брашно со јако подготвено, но изладено кафе. Додадете една жолчка од јајце и нежно промешајте. Нанесете ја смесата на лицето, држете ја 15 минути и потоа исплакнете.

Антицелулитен лосион

Загрејте зрна кафе и нанесете ги на местата на вашето тело каде што сакате да го отстраните целулитот. Замотајте се со најлонска ќеса и седете така 15-20 минути, а потоа измијте се. Овој метод можете да го практикувате 2 пати неделно.

Гел за туширање

Додадете малку мелено кафе во вашиот гел за туширање и потоа направете си нежна масажа.

Маска за коса

За темна коса: Измешајте две жолчки, една лажица рум, две мали лажички жешка вода, една лажица мелено кафе и растително масло. Нанесете ја смесата на вашата коса и оставете ја да делува 5 минути. Потоа исплакнете со топла вода. Овој трик го враќа природниот сјај на косата.