Дрпљанин осуден на доживотен затвор, мајка му тврди дека „не згазнал ни на мравка“

Алмир Дрпљанин е осуден на доживотен затвор за нападот врз патролата на припадниците на мобилната „Алфа“ единица кај Природно математичкиот факултет во Скопје во ноември 2008 година, во кој беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги за влакно ја избегнаа смртта, но останаа тешки инвалиди.

Image

При изрекувањето на пресудата, Дрпљанин не покажа никакви емоции, а во судницата беа присутни членови на неговото семејство кои накратко се поздравија со него по изрекувањето на пресудата, плачејќи.

Адвокатот на обвинетиот, Асмир Алиспаиќ тврди дека Дрпљанин не бил во Македонија кога се случило убиството, дека е осуден без докази и најави жалба на пресудата до повисоките судски инстанци.

При образложувањето на пресудата, судијата Владимир Туфегџиќ рече дека при носењето на пресудата се земени во предвид и отежнителните и олеснителните околности.

„Секој акт на напад врз полицијата, значи акт на напад врз државата“, рече Туфегџиќ кој потсети на се што се случувале за време на повтореното судење за овој случај, како и за нападот којшто се случи пред осум години.

Во текот на судењето одбраната извршила увид во списите на предметот и во текот судењето тврдела дека Дрпљанин не бил во Македонија кога се случил нападот.

Судот побарал одбраната да достави доказ за тоа тврдење, но одбраната на обвинетиот никогаш не доставиле никаков доказ дека Дрпљанин не учествувал во нападот ниту пак некој друг доказ кој би ја сменил фактичката состојба.

Меѓу доказите е и исказот на Дејан Спасовски кој имал работилница за изработка на регистерски таблици, кој според судијата, потврдил и го посочил обвинетиот дека токму тој ги нарачал регистеските таблици кои биле на „голфот“ со којшто беше извршен нападот врз „аллфите“.

„Самиот чин на нарачка на регистерските таблици е подготовка за претходно разработениот план за убиството. Обвинетиот не само што бил на самото место на настанот, туку преземал и дејствија“ , рече судијата Туфегџиќ.

Одбраната пак тврди дека сведокот Дејан Спасовски не можел со сигурност да каже дека Дрпљанин ги нарачал регистерските таблици и дека при сведочењето не го препознал. Според Алиспаиќ, Дрпљанин нарачуван регистерски таблици од таа работилница, но пред 2006 година.

„Во својата одбрана Алмир децидно објасни дека од 2006 година живеел во градот Тутин, Србија во областа Санџак, а потоа поради неговата работа се преселил во Косово“, рече неговиот адвокат Асмир Алиспаиќ кој додаде дека двајцата осудени за истиот напад изјавиле дека не го познавале Дрпљанин.

Според него, доживотната затворска казна е превисока и неоснована и најави жалба до Апелациониот суд, па дури и до, како што рече, Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Мајката на Дрпљанин, Хајра Дрпљанин, тврди дека нејзиниот син е невин.

„Ова е голема неправда. Тоа дете не згазнало ниту мравка. Но има Господ. Да им се врати на најмилите на тие што му го направија ова на моето на моето дете“, рече таа.

Пред осум години на паркингот кај ПМФ, додека тројца припадници на специјалната единица „Алфа“ патролирале со службениот автомобил беа нападнати од лица во автомобил „голф“.

Според судот, во „голфот“, освен Алмир Дрпљанин биле и Керим Реџаил, Исмет Агим и уште две непознати лица. Сите заедно со автоматски пушки испукале 70 проектили кон „алфите“, при што Африм Арифи почина на лице место, а другите двајца припадници на специјалната единица беа изрешетани во главата, вратот, рбетот и со тешки повреди го преживеаја нападот.

Двајцата учесници во настанот се осудени за овој напад, додека Дрпљанин иако во 2010 година беше осуден на доживотна казна затвор во отсуство, судењето за него се повтори и Судот ја потврди претходната казна.