ДУИ ќе почне постапка за повторно свикување на Собранието

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и шефот на кабинет, Артан Груби, на Фејсбук и на Твитер објавија дека ДУИ ќе побара повторно свикување на Собранието, во петок.

Image (12)

„ДУИ ќе иницира процеси со цел повторно да се состави парламентот. Првиот од нив ќе биде поднесен утре. Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат напорите“, напиша Груби на Твитер, иако не открива како ќе се одвива постапката.

Инаку, Фејсбук статусот на Ахмети, се појави само еден час откако Американската амбасада порача да се свика Собранието и да се откажат изборите, и да се поништи аболицијата.

Едно од можните решенија, која ја навести портпаролот на ДУИ, Бујар Османи е да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на одлуката за распуштање на
Собранието.

И Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, ги повика парламентарните партии кои не доставија листи за пратеници и не учествуваат во изборниот процес, да се приклучат на иницијативата за одржување на итна седница на Собранието на Република Македонија, на која ќе се донесе одлука за откажување на изборите и отпочне постапка за одговорност на Ѓорге Иванов поради злоупотреба на функцијата.

ДС очекува на постојната иницијатива да се приклучат и независните пратеници, како и пратениците на ДУИ, ДПА и Унитети.

Најбрз начин би бил Државната изборна комисија (ДИК) или мнозинството од нејзини членови да го информира претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, дека не се исполнети условите за избори, и да побараат да закаже седница на која тие би биле одложени.

макфакс