Европските челници сакаат што поскоро да се започне со процесот за Brexit

Челниците на Европската унија (ЕУ) во вторникот и порачаа на Велика Британија што поскоро да го прати официјалното известување за намерата за излегување од ЕУ, со што би започнале преговорите, додека, пак, германската канцеларка Ангела Меркел порача дека не гледа можност за пресврт во британската одлука, пренесуваат светските агенции.

Image

„Немаме неколку месеци за размислување. Сакаме да се повикаат на членот 50 што поскоро“, изјавил претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер по работната вечера на која британскиот премиер Дејвид Камерон на своите колеги од останатите членки им ја објасни состојбата по референдумот за излегувањето од ЕУ.

Членот 50 ги регулира условите за напуштањето на ЕУ, а според него, по добивањето на официјалното известување за намерата за напуштање на ЕУ, започнува двегодишниот рок за преговори околу условите на излегувањето. Британскиот премиер, кој најави оставка, изјави дека не може да го води тој процес поради тоа што се залагаше за останување во ЕУ и дека преговорите треба да ги води новиот лидер на земјата, по изборите во септември.

„Разбрав дека на Камерон му треба време за размислување, но не разбирам зошто оние кои се залагаа за излегување од ЕУ не сакаат веднаш да излезат. Мислев дека оние кои сакаат да излезат имаат план, но тие го немаат“, рекол Јункер.

„Нашата расправа беше мирна и одмерена. Челниците разбираат дека сега е потребно одредено време за да се смири состојбата во Обединетото Кралство. Но тие исто така очекуваат британската влада што поскоро да ги конкретизира своите намери“, рекол претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, истакнала дека не гледа можност Велика Британија да се откаже од референдумската одлука за напуштање на ЕУ. „Сакам јасно да кажам дека не гледам начин за одлуката да се преиначи. Мораме да бидеме реални, не е време за разговори околу желби“, рекла Меркел, одговарајќи на прашањето за можноста за пресврт во одлуката на Британците да ја напуштат ЕУ.