Ердоган размислува за референдум за преговорите со ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја спомена можноста Турција да организира референдум за тоа дали ќе ги продолжи пристапните преговори со Европската унија, сличен на референдумот кој во четвртокот се одржува во Велика Британија.

Image

Остро критикувајќи ја Европската унија, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека Анкара може да организира референдум сличен на оној кој го одржуваат Британците на кој ќе решат дали ќе излезат или ќе останат во 28-члениот блок,

„Можеме да го консултираме народот, како што тоа го прават Британците“, рече Ердоган во говорот во средата ноќта, во текот на ифтар вечерата по прекинот на целодневниот рамазански пост, пренесува агенцијата Anadolu.

„Прашањето ќе гласи: Треба ли да ги продолжиме преговорите со ЕУ или да ги прекинеме“, рече турскиот претседател обвинувајќи ја ЕУ дека „не ја сака Турција бидејќи е муслиманска земја“.

„Зошто толку одолжувате?“, ја запраша Ердоган Унијата, додавајќи дека Анкара е разочарана од тоа што процесот со години стои во место.

Турција ја поднесе кандидатурата за полноправно членство во Европската унија уште во 1987 година, а од 2005 година преговорите западнаа во ќорсокак, поради низата проблеми од двете страни, и незаинтересираноста на главните европски земји.

Турција ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ во 2005 година. Досега се отворени 14 од 33 поглавја, а само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар.

Повеќе европски челници, во прв ред британскиот премиер Дејвид Камерон, но и германската канцеларка Ангела Меркел, истакнаа дека турското членство „не е на дневниот ред“ и дека е „отворен исходот“ од тие преговори. Преземајќи ја должноста претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја исклучи можноста од какво и да е проширување на Европската унија до 2020 година.

Изјавите на Ердоган доаѓаат во периодот кога Турција и ЕУ на 30-ти јуни треба да отворат ново поглавје во пристапните преговори во врска со буџетските прашања, што е една од отстапките за контроверзниот мигрантски договор меѓу Брисел и Анкара потпишан во март, дознава AFP од европски дипломатски извори./