Семејството бара случајот Нешкоски да го преземе Специјалното обвинителство

Братот на Мартин Нешковски ја повика во петокот Специјалната обвинителка да го преземе случајот за, како што наведува, прикривање и влијаење врз истрагата за убиството на Мартин и се понуди да сведочи.

 

Image

Александар Нешкоски во петокот испрати отворено писмо до Специјалната обвинителка Катица Јанева, во коешто наведува дека надлежноста за овој случај ја има токму таа, со оглед на тоа што информациите произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

 

Семејството Нешкоски врз основа на разговорите објавени во 29-та бомба во јуни годинава поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Дејан Митровски – Урко, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Никола Груевски за Злоупотребана службена положба и овластување и Непријавување на кривично дело или сторител.

 

„Барам од Вас да отворите постапка за целосно расчистување на прикривањето на убиството на мојот брат и утврдување на можна инволвираност на други лица во прикривање фактите освен оние кои се наведени во пријавата“, се вели во писмото на Александар Нешкоски.

 

Тој изразува подготвеност да сведочи за притисоците кои биле вршени по убиството, а нуди и други сведоци кои можеле да ги потврдат неговите наводи.

 

„Пријавените лица ги злоупотребија сите механизми и сета моќ кои им беа на располагање и успеаја да креираат една лага во која никој повеќе не верува. Во прикривањето на фатите учествуваа многу поголем број на луѓе преку фингирање на истрагата, лажно сведочење, различни притисоци и обиди за поткуп“, вели Нешкоски.