„Мост“ ќе ги следи изборите со 3.300 набљудувачи

Скопје, 28 октомври, 2016 – 10:36 (META) 
darko-aleksov

Граѓанската организација „Мост“, денеска на прес-конференција најави дека почнува со набљудување на изборите и на изборната кампања. Дарко Алексов, претседател на „Мост“, рече дека изборите и кампањата ќе ја следат 3.300 набљудувачи на територијата на Македонија. Како што кажа тој, ќе се следи текот на изборната кампања, работата на изборните органи, процесот на гласање и приговорите што ќе пристигнуваат.

– Сакам да им порачам на граѓаните дека денеска почнува јавниот увид на избирачкиот список и ќе трае до 11 ноември. Сите граѓани можат да се проверат во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија и на страницата izbirackispisok.gov.mk. Ги охрабрувам граѓаните на бесплатниот телефонски број 080080080 да пријават какви било нерегуларности – рече Алексов.

Граѓанаската организација денеска ја промовираше и новата камапања „Твојот глас, твое право“, за која изработен е и посебен видеозапис кој  треба да ги потсети и да ги едуцира граѓаните дека не смеат да дозволат кој било да им врши притисок за гласање.

Одговарајќи на новинарски прашања, Алексов рече дека регуларноста на изборите не зависи само од изборната единица 6, туку од неколку компоненти кои се важни. Тој потсети дека „Мост“ неколкупати укажувал до Собранието за недостатокот во изборната единица 6, но досега не се презело ништо, а 11о пратеници гласале за распишување на изборите.

Тој, исто така, додаде дека на крајот од изборниот процес ќе кажат колку од договореното во Пржино партиите вистински испочитувале.