Колони камиони на границите на Србија кон Унгарија и Хрватска поради мигрантите

На српската страна кај граничните премини Хоргош, на југот од Унгарија, и Бајаково во источна Хрватска, се создале километарски колони од камиони поради заострените контроли коишто ги спроведуваа унгарската и хрватската полиција, пренесуваат во средата вечерта медиумите.

Image

Неофицијалните информации говорат дека на унгарската граница се воведени нови мерки за да се спречи евентуалното илегално влегување на мигрантите од Блискиот исток во Унгарија, поради што меѓузоната меѓу двете гранични линии, којашто е долга околу километар, во моментов е полна со товарни камиони кои не се придвижуваат со часови.

Колоната е долга меѓу три и четири километри, а некои возачи се во неа од минатата ноќ.

Поради истите причини отежнат е и сообраќајот на српско-хрватската граница кај преминот Батровци-Бајаково. Од српската страна колоната е долга седум километри и се чека по осум часа.

Возачите за медиуми велат дека товарниот сообраќај е најверојатно забавен поради тоа што хрватската гранична полиција на преминот Бајаково врши детални проверки на автобусите кои од Србија во Хрватска пренесуваат мигранти. Отежнат е и сообраќајот и кај преминот Шид, каде што се чека околу пет часа.