Пo синот на Трамп, и неговата сестра доби закани

По синот на американскиот милијардер Доналд Трамп, кој води во трката за номинацијата на Републиканската партија за претседателските избори во САД во ноември, и неговата сестра добила писмо во која ѝ се упатени закани, дознаваат медиумите.

Image

Маријане Трамп Бери е 78-годишна судијка на сојузниот апелационен суд во Филаделфија. Пораката што ја добила е слична на онаа која минатиот четврток во Њујорк ја доби синот на милијардерот Ерик Трамп, пренесува американската телевизиска мрежа NBC News.

Властите засега не изнесуваат никакви поединости, но полицијата во Филаделфија соопшти дека Федералното биро за истраги (FBI) и тајните служби, спроведуваат истрага.

Во писмото коешто во четвртокот стасало на адресата на Ерик Трамп, е упатена заканата дека на неговите деца би можело да им се случи нешто лошо, доколку неговиот татко не се повлече од трката, пренесуваат медиумите. Во писмото имало и бел прав, за кој е утврдено дека не е токсичен.