Коалицијата за промени и правда предлага реформска влада

Коалицијата за промени и правда предлага да се формира реформска, односно експертска влада, којашто ќе има обврска да спроведе коренити реформи и да создаде услови за рамноправен политички натпевар и одржување фер, демократски и кредибилни избори.

Image

Опозициската Коалиција за промени и правда смета дека во процесот на преговори мора да се вклучат и другите релевантни политички партии, како и граѓанскиот сектор и медиумите, бидејќи според неа претставниците на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го загубиле кредибилитет да зборуваат за реформи, стабилност и фер избори, бидејќи тие ги блокираат сите позитивни процеси и Македонија ја држат во перманентна криза.

„Без реформи во судскиот систем и безбедносните служби не се можни избори. Затоа бараме рекомпонирање на Републичкиот судски совет и разрешување на судиите кои учествуваа во монтирани судски процеси, формирање на посебно судско одделение во Кривичниот суд во Скопје, како и целосно реформирање и деполитизација на безбедносните служби“, соопштија во неделата од Коалиција за промени и правда (КПП), којашто ја сочинуваат Демократски сојуз, ФРОДЕМ, МОРО-РП и ДЕМОС.

Бараат и оставки од судиите во Уставниот суд кои учествувале во промените на Законот за помилување врз основа на кои Ѓорге Иванов ја донесе одлуката за аболиција.

Разрешување на обвинителите кои се под директно влијание на власта и кои подигнуваат обвиненија по налог на партијата на власт, а без докази.

Специјалното јавно обвинителство да продолжи да работи транспарентно и без било какви опструкции и закани дека по налог на партиите на власт ќе биде укинато.

Една од најсуштествените реформи, како што беше истакнато, е врзана за изборниот модел. Затоа бараме Македонија да биде една изборна единица. Оттаму во КПП сметаат дека Избирачкиот список треба да се прочисти од ткн фантомски гласачи и најитно да се уништат личните карти кои се користени за гласање наместо граѓаните кои подолго време престојуваат во странство. Доколку тоа не е можно тогаш да се пристапи кон активна регистрација на гласачите.

Воедно ги предупредија оние кои наводно се обидуваат да ги поништат одлуките за повлекување на аболицијата за 56 високи државни и политички функционери и на нивните соработници, да се откажат од таквите намери, бидејќи „последиците ќе бидат катастрофални“.