Истражувачот Хенри Ворсли умре во обидот да го мине Антарктик

Англискиот истражувач Хенри Ворсли умрел од исцрпеност и дехидрираност во обидот самиот да го мине Антарктик, објави во понеделникот BBC.

Image
Поранешниот армиски офицер, 55-годишниот Хенри Ворсли кој потекнува од Фулам во Лондон, минал во експедицијата 71 ден во обидот да стане првиот човек кој го минал Антарктик без никаква помош.

Неговата цел беше да го заврши потфатот кој во 1915 година го започна Ернест Шеклтон, исто така неуспешно.

Ворсли умрел од „целосно откажување на органите и покрај сите напори“ на вработените во клиниката „Магелан“ во Пунта Аренас во Чиле.

Англичанецот експедицијата ја започна во ноември. За 80 дена требаше да измине 1.770 километри од едниот брег на Антарктик на другиот. На патот кон Јужниот пол се движеше на температури и од минус 44 Целзиусови степени низ снежни виулици, пишува весникот The Guardian.

Ворсли поради исцрпеност и дехидрација два дена минал во својот шатор. Во акцијата за негово спасување пренесен е во болницата во Пунта Аренас, каде починал во неделата.