Лавови откриени во зафрлен дел на Етиопија

Научниците откриле дека во саваните на зафрлен регион на северозападот од Етиопија има лавови, што е претставува значајно и радосно откритие во услови на алармантен пад на популацијата лавови на африканскиот континент.

Image
Егзистирањето на лавовите во етиопскиот национален парк Алаташ, на границата со Судан, откриено е во текот на научната мисија којашто ја води др Ханс Бауер, објави во понеделникот фондацијата Born Free, специјализирана за заштита на фауната.

Тимот на др Бауер, исто така, заклучил дека лавовите ги има и од суданската страна на границата во паркот Диндер, и нивниот број во двата парка се проценува на 100 до 200 примероци.

Освен бројните отпечатоци и траги кои биле мерени и споредувани, научниците успеале и да снимат многу лавови. Иако и претходно локалното население тврдеше дека во областа има лавови, Меѓународната унија за заштита на природата (UICN) досега паркот Алаташ го сметаше само како можно живеалиште на лавови.

„Додека бројот на лавовите во Африка драматично опаѓа, ова откритие на досега непотврдена популацијата е многу важно“, истакнуваат од фондацијата Born Free.

Од околу 20.000 лавови на африканскиот континент, околу половината би можело да исчезнат за 20 години, според истражувањето кое беше објавено во октомври 2015 година во списанието Proceedings of National Academy of Sciences. Се проценува дека кон средната на XX век ги имало десет пати повеќе.

Во Етиопија живеат околу илјада примероци на абисинскиот лав, препознатлив по црната грива. Абисинскиот лав, кој го опеаја Боб Марли и Серж Генсбург, во Етиопија ја симболизира кралската династија.