ЛШ: Сити пред пласман во четвртфиналето, Атлетико против ПСВ

Со дуелите Манчестер Сити-Динамо Киев и Атлетико Мадрид-ПСВ Ајндховен продолжуваат осминафиналните натпревари во Лигата на шампионите. Сити се наоѓа пред промоција во четвртфиналист, бидејќи во Киев славеше 3:1, а Атлетико и ПСВ реваншот ќе го започнат со почетните 0:0.

Image

Манчестер Сити, кој речиси нема никавви шанси да стигне до титулата во Премиерлигата, преку Лигата на шампионите може да ја спаси сезоната. Тимот на Мануел Пелегрини се наоѓа пред прв пласман во четвртфиналето во ЛШ во клупската историја.

Динамо ќе се обиде да направи сензација, но тие на последните 13 натпревари кои ги играле во Англија имаат забележано 11 порази, а само двапати одиграле нерешено.

Атлетико ја пропушти шансата во Ајндховен да забележи победа, бидејќи во последните 25 минути играше со играч повеќе, а на домашен терен не смее да си дозволи да прими гол.

Атлетико е во одлична форма, во првенството има четири победи во низа, со само еден примен гол.

ПСВ ќе има тешка задача на „Винсенте Калдерон“, каде Атлетико на 11 од последните 13 средби успеал да ја сочува својата мрежа. Најдобриот дефанзивен тим во Европа, на 12 од последните 16 средби не примил гол.