На новинарите не им беше дозволено да ја следат седницата на Уставен, пред судот само контрадемонстрантите

Обезбедувањето на Уставниот суд не им дозволи на новинарите да влезат во Судот и да ја следат седницата на којашто се одлучува за укинување на измените на Законот за помилување донесени во 2009 година, со што на Претседателот на државата ќе му се овозможи да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, како и лица осудени за дела против човечноста.

Image

Иако седниците на Уставниот суд досега беа јавни и новинарите ги следеа, освен гласањето на судиите кое е тајно, оваа седница е затворена за јавноста.

Новинарите побараа писмена одлука и образложение зошто седница на Судот е затворена за јавноста, но од Судот нема никаков одговор.

Пред Уставниот суд останаа само контрадемонстрантите кои уште во вторникот наутро ги организираше официјално лидерот на ГРОМ и градоначалник на скопската општина, Карпош, Стевче Јакимовски, за како што рекоа, „да го бранат Уставниот суд“.

Иако граѓанската платформа „Ајде“ пред неколку дена најави протест пред Уставниот суд за во вторникот во 18 часот и целовечерно бдеење над Уставот, сепак. полицијата не им дозволи да пристапат пред Уставниот суд и масата запре пред новиот Македонски народен театар кој е на стотина метри од новата зграда на Уставниот суд.

Овој протест го поддржа и опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.

Демонстрантите кои се собраа да протестираат против евентуално донесување одлука на Судот со којашто ќе можат да се помилуваат лица за изборни нерегуларности и да побараат оставки од уставните судии кои претходно гласале за ваквата одлука, синоќа се разотидоа по наводна дојава оти владејачката партија собирала контрадемонстранти од цела држава, со што би можело да се случат инциденти.

Утрово пред Судот имаше големо присуство на полицијата, а бројот на контрадемонстранти сé повеќе се зголемува. Постојано доаѓаат луѓе од цела Македонија, за како што велат да го бранат „уставниот поредок“.

Сите тврдат дека дошле по своја волја и дека не се од ниту една партија. Дел од контрадемонстрантите со кои разговаравме не би поддржале одлука со која на Претседателот би му се дала можност да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, но велат дека одлуките на Уставниот суд мораат да се почитуваат.

„Очекуваме да не се мешаат луѓето, премногу, Судот е тој што треба да функционира нормално“, изјави еден од граѓаните пред Уставниот суд.

На прашањето дали смета дека  шефот на државата треба да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, еден од демонстрантите вели: „Не мислам, судот си ја знае работата , ние треба да ја почитуваме одлуката. Нема да донесе таква одлука, веруваме во Судот, Судот е највисока институција која треба да ја почитуваме, додека е потребно ќе бидам тука“, изјави за Макфакс еден од контрадемонстрантите, кој бараше да остане анонимен.

„Од Велес сум, никој не ме повика, мојата совест не ми дозволува да попуштам во една ваква некоректна и нечесна игра да се урива Уставот на државата .Не сум партиски определен, очекувам да заврши овој хаос, измислени игри, нечесни работи“, изјави друг демонстрант.

Дел од жителите на зградата „Ибни Пајко“ којашто се наоѓа во близина на зградата на Уставниот суд се жалат дека демонстрантите вршат нужда кај зградата, дека не им се обезбедени тоалети и дека се шират зарази.

„Кај да ги носам тука да поминат внучињата од градинка. Секаде мократ тука, немаат тоалети“, вели жена која живее во зградата.

Засега нема најави дали граѓанската платформа „Ајде“ ќе има протести и до кога пред Судот ќе има шатори и контрадемонстранти.

Во 2009 година имаше измени на овој Закон и со тогашните измени Претседателот веќе немаше можност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Предлогот којшто е ставен на дневен ред на денешната седница се совпаѓа со отворањето на случајот „Титаник“ од страна на Специјалното обвинителство во кој осомничени се високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и уште пет други лица.

Сите се товарат за вмешаност во изборни нерегуларности.