НБА: Ниту Индијана не го сопре шампионот

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс повторно го подобрија сопствениот рекорд за најдобар старт во сезоната, а воедно го соборија рекордот на Њујорк од 1969 година со 13 победи на гостински терен од стартот на првенството.

Image

Актуелните шампиони, во Индијанаполис, ја забележаа 23-та победа сезонава, откако ја совладаа Индијана со 131:123. Вориорс прашањето на победникот го решија во три четвртини кога стекнаа предност од 28 поени. Индијана, последната чевртина ја доби до 40:20 и успеа да извлече пристоен пораз.

Клеј Томпсон го предводеше победничкиот тим со 39 поени (10/16 за три поени), седум скокови и шест асистенции. Сетф Кари најдобриот играч во лигата на овој меч имаше учинок од 29 поени, 10 асистенции и седум скокови.

Најефикасни кај Индијана беа Пол Џорџ со 33 поени, осум скокови и шест асистенции и Си Џеј Мајлс со 24 поени.

Бруклин против Хјустон стигна до петтата победа во првенството. Брук Лопез постигна 24, а Бојан Богдановиќ 19 кошеви во триумфот над Хјустон (110:105). Маркус Тортон со 32 поени беше најефикасниот играч на Хјустон.

Орландо славеше во Денвер со 85:74. Никола Вучевиќ оствари ’дабл дабл’ од 18 поени и 13 скокови во триумфот на Орландо, додека Денвер го предводеше Вил Бартон со 23 поени. Орландо има скор од 12 победи и девет порази, а Денвер има шест победи и 14 порази.

Кливленд славеше во дуелот со Портланд (105:100). Леброн Џејмс забележа 33 поени и 10 скокови, а Кевин Лав и Метју Делаведова го следеа со 18, односно 17 поени. На спротивната страна блескаше Демијен Лилард со 33 поени и по шест скокови и асистенции, а Си Џеј Меколум постигна 24 поени.

Кевин Дурент и уште петмина од тимот на Оклахома постигнаа двоцифрен број на поени во убедливиот триумф во Мемфис (125:88). Дурент мечот го заврши со 32 поени и 10 скокови, а Расел Вестврук имаше двоен ефект од 13 поени и дури 16 асистенции.

Сакраменто ја совлада Јута (114:106), Режон Рондо имаше учинок од 17 поени и 13 асистенции, додека Руди Геј и Демаркус Казинс постигнаа по 23 поени.