Реал и Волфсбург го потврдија пласманот во четвртфиналето

Реал Мадрид и Волфсбург го потврдија пласманот во четвртфиналето, во Лигата на шампионите, откако и во возвратните осминафинални натпревари славеа во дуелите со Рома, односно Гент.

Image

Реал шеста последовна сезона е меѓу најдобрите осум, додека Волфсбург го постигна најголемиот клупски успех.

Мадридски Реал со вкупни 4:0 ја елиминира Рома, додека Волфсбург двомечот со Гент го доби со 4:2.

Рома, иако во Мадрид допатува со негатива 0:2, имаше шанси да избори поволен резултат, но напаѓачите на ‘волчицата’ не знаеја да го совладаат Кејлор Навас. Пет ‘мртви’ шанси не реализираа играчите на Рома, до 60-та минута кога резултатот беше 0:0.

Во првото полувреме, најпрвин Џеко, а потоа Салах беа ‘еден наеден’ со Навас но шутираа покрај неговиот гол. Во финишот на првиот дел две одлични шанси за Реал не реализираше Кристијано Роналдо.

Нова голема шанса Рома имаше на стартот од второто полувреме, Салах беше сам пред Навас, но од осум-девет метри биеше крај голот. Во наредните две опасни ситуации Навас го одбрани ударите на Флоренци и Манолас.

Реал сурово ја казни Рома за промашувањата, во само четири минути постигна два гола. Лукас Васкез, во 64-та минута, нафрли во петерецот на Счешни, а Роналдо лесно реализираше. Само четири минути подоцна Роналдо повлече полуконтра, го проигра Хамес Родригез, а овој низ нозете на Счешни го погоди подалечниот агол.

Две минути подоцна голема шанса имаше Роналдо, но лошо ја зафати топката која замина крај левиот дирек.

Во самиот финиш, Рома имаше можност да го постигне почесниот гол, но ударот на Перото заврши во дирекот.

Волфсбург против Гент првиот меч во Белгија го доби со 3:2, во реваншот не ризикуваше премногу и успеа да победи со 1:0. Единствениот гол го постигна Ширле во 76.минута.

Во среда ќе се одиграат нови две реванш осминафинални средби, Челзи ќе го пречека ПСЖ, францускиот тим има предност 2:1, додека Бенфика во Русија, против Зенит, ќе ја брани предноста од 1:0.