НБА: Стоечки овации за Коби во Кливленд

Коби Брајант го одигра својот последен меч во кариерата пред публиката во Кливленд, Бостон по едно продолжение славеше над ЛА Клиперс, а Голден Стејт го запиша 11-от триумф во низа, во натпреварите кои во НБА лигата се одиграа изминатата ноќ. Индивидуално блескаа Томас, Лилард, Харден, Пол, Дерозан, Таунс и Ирвинг кои постигнаа повеќе од 30 поени.

Image

Лејкерси гостуваа во Кливленд, загубија со 120:111, а Коби Брајант на почетокот доби стоечки овации од 20-илјадната публика.

„Најмногу ме импресионира неговиот натпреварувачки дух, кој го донесе на ова ниво“, рекол Леброн Џејмс за Коби пред натпреварот, а потоа на теренот го предводеше Кливленд со 29 поени, седум скока и 11 асистенции.

Најефикасен во тимот на Кливленд беше Кајри Ирвинг, кој полека влегува во својата препознатлива форма, тој имаше учинок од 35 поени и седум асистенции.

Коби Брајант од Кливленд се прости со 17 поени, а најефикасен кај Лејкерси беше Лу Вилијамс со 28 поени.

Томас постигна 36 поени, вклучувајќи ги и последните во регуларниот дел, со кој натпреварот против Клиперси го однесе во продолжение, по кое Бостон победи со 139:134. Покрај Томас уште петмина кошаркари на Бостон постигнаа двоцифрен број на поени.

Во редовите на тимот од Лос Анџелес, Крис Пол оствари ’дабл дабл’ од 35 поени и 13 асистенции, Џеј Џеј Редик постигна 27 поени (7/8 за три), а Деандре Џордан мечот го заврши со 21 поен и 16 скокови.

Голден Стејт рутински славеше во Феникс 112:104, иако конечниот резултат не го покажува тоа. Стеф Кари играше само во првите три четвртини, а натпреварот го заврши со 26 поени и по девет скокови и асистенции.

Голден Стејт по 52 натпревари има скок од 48 победи и само четири порази, а во пресрет на паузата поради Ол Стар викендот е во серија од 11 победи.

Демијан Лилард постигна 31 поен во победата на Портланд над Хјустон (116:103). Џејмс Харден за Хјустон уфрли 34 поени.

Карл-Ентони Таунс со 35 поени и 11 скокови ја предводеше Минесота до победата над Торонто (117:112). Ол Стар играчот на Торонто, Демар Дерозан мечот го заврши со 35 поени.

Резултати: Бруклин-Мемфис 90:109, Детроит-Денвер 92:103, Њу Орлеанс-Јута 100:96, Чикаго-Атланта 90:113, Индијана-Шарлот 95:117, Орландо-Сан Антонио 96:98, Филаделфија-Сакраменто 110:114, Портланд-Хјустон 116:113, Феникс-Голден Стејт 104:112, Бостон-ЛА Клиперс 139:134, Кливленд-ЛА Лејкерс 120:111.