НБА: Шампионите се прошетаа низ Чикаго

Кошаркарите на Голден Стејт запишаа нова убедлива победа во НБА лигата, откако во Чикаго ги поразија Булси со 125:94. Изминатата ноќ во НБА шампионатот се одиграа 11 натпревари, победи покрај Голден Стејт забележаа Атланта, Оклахома, Вашингтон, Њујорк, Детроит, Далас и Сакрамането, а индивидуално блескаше Џејмс Харден кој во поразот на Хјустон забележа ‘трип дабл’.

Image

Булси требаше да бидат сериозен испит за актуелните шампиони, но Голден Стејт уште во првата четвртина го најави убедливиот триумф. Кари и дружината првата четвртина ја добија со 34:18, Чикаго се обиде да се врати во мечот во третиот период, но никако не можеа да го следат ритамот на противникот.

Кари беше најдобар на теренот со 25 поени, 11 асистенции и седум скокови, Томпсон постигна 20, а Барнс 19 поени. Кај Чикаго се истакнаа Роуз со 29 и Батлер со 23 поени.

Хјустон не успеа да го совладаа Детроит (114:123) и покрај неверојатниот ‘трипл дабл’ на Харден (33 поени, 17 скокови, 14 асистенции). Колдвел-Поуп и Маркус Морис со по 22 поени, односно Реџи Џексон кој уфрли 17 поени го предводеа Детроит до победата.

Лидерот во Источната конференција, Кливленд, бргу се опорави од катастрофалниот пораз против Голден Стејт со рутинската победа во Бруклин (91:78). Кевин Лав имаше учинок од 17 поени и 18 скокови, а Леброн Џејмс реализираше 17 поени и пет асистенции.

Оклахома без проблеми го совлада Шарлот (109:95). Дурент постигна 26 поени, а Вестбрук заврши со 16 поени, 15 асистенции, осум скокови и пет украдени топки.

Резултати: Орландо-Филаделфија 87:96, Бруклин-Кливленд 78:91, Њујорк-Јута 118:111, Торонто-Бостон 115:109, Чикаго-Голден Стејт 94:125, Хјустон-Детроит 114:123, Оклахома-Шарлот 109:95, Далас-Минесота 106:94, ЛА Лејкерс-Сакраменто 93:112, Портланд-Атланта 98:104.