Незадоволен германски функционер ѝ испрати автобус со бегалци на Меркел

Еден незадоволен баварски функционер испрати во четвртокот автобус со 31 Сириец пред канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел во Берлин, протестирајќи така против нејзината политика на неограничено прифаќање на имигрантите.

Image

Челникот на руралниот округ Ладсхут, Петер Дрејер, изјави дека тоа претставува чин на очајник со кој сака да ja испрати пораката дека не може и не мора да се продолжи со политиката на прифаќање на бегалците. Дрејер е член на баварската партија Слободни избирачи.

Со 31-от маж, кои веќе го добиле статусот на бегалци, автобусот бил паркиран околу два часа пред вториот влез во канцеларијата на канцеларката, а потоа бегалците биле однесени во хотел, чии трошоци Дрејер се обврза да ги преземе, според дописникот на агенцијата AFP.

„Се обидуваме да ги вклучиме тие луѓе, но тоа нема да биде можно доколку пристигне уште еден бран од милион имигранти“, изјави Дрејер за телевизијата N24, потсетувајќи дека во текот на 2015 година во Германија влегоа рекорден број од над 1,1 милиони баратели на азил.

Во германската престолнина Берлин, овој баварски функционер пред стотината новинари изрази жалење што ниту еден од претставниците на канцеларката Меркел не дошол со него да разговара.

Организацијата за заштита на правата на имигрантите Pro Asyl ја критикуваше оваа иницијатива на Дрејер.

Подоцна во соопштение портпаролот на Ангела Меркел изјави дека владата е свесна за предизвиците пред кои се наоѓаат локалните заедници како последица од приливот на имигрантите, но дека им дава финансиска поддршка и оти се труди преку мерки на европски и на меѓународно ниво да го намали бројот на дојденците.