САД: Довербата во владата дека може да ги заштитат своите граѓани најниска во десет години

Довербата во американската влада дека може да ги заштити своите државјани од напади, е најниска во последните десет години, по нападите во Сан Бернардино во сојузната држава Калифорнија, во кој сопружници кои се осомничени дека дејствувале од исламистички позиции убија 14 луѓе.

Image

Само 55 отсто од испитаниците рекле дека имаат „прилично висока“ или „висока“ доверба во способноста на американските власти да ја заштитат земјата од нови напади, покажаа податоците од испитувањето на јавното мнение што го спровело институтот Gallup на 8-ми и 9-ти декември, само неколку дена по масакрот во Сан Бернардино,

Станува збор за пад на довербата во владата на САД во безбедносниот сегмент за 12 отсто во однос на јуни годинава, и покажува постепен пад на довербата кој започна набрзо по нападите од 11-ти септември 2001 година. Ова е најнискиот степен на доверба покажан во анкета, откако споменатиот институт го спроведува истражувањето.

Анкетата, исто така, покажува и дека Американците стравуваат од нови напади, а 67 отсто од испитаниците веруваа дека тие се „многу веројатни“ или „донекаде веројатни“.

Нападот во Сан Бернардино и масакрот во Париз од 13-ти ноември кога беа убиени 130 луѓе, го исфрлија прашањето на безбедноста во центарот на трката за републиканска номинација за претседателските избори следната година и го поттикнаа претседателот Барак Обама на почетокот од седмицава да ја изнесе својата стратегија.

„Довербата во способноста на владата да ја сочува сигурноста, можеби не е толку одраз на владината неспособност, колку на подоброто разбирање на карактерот на можните закани во самите САД“, се истакнува во коментарот на интернет страницата на Gallup.

Со анкетата биле опфатени 1.013 случајно избрани возрасни лица, и била спроведена телефонски.