Нови апсења во Турција поради нападите на аеродромот „Ататурк“

Истанбул, 11 јули, 2016 – 11:33 (META) Турската полиција уапси и поднесе обвинение против нови седум лица осомничени во врска со нападите на аеродромот во Истанбул, во кој беа убиени 47 луѓе, јавуваат турските агенции.

napad-ataturk-860x680

Со ова, вкупниот број на обвинети лица поврзани со овој напад се искачи на 37.

Според властите, се работи за 22 странци и за 15 Турци кои се осомничени за членство во вооружена терористичка група и за убиство со умисла.

Во самоубиствениот напад на тројцата бомбаши на 28 јуни на меѓународниот аеродром „Ататурк“ во Истанбул загинаа 47 лица, а неколку десетици беа ранети. Десетина луѓе сè уште се згрижени во болница поради повредите во нападот.

Одговорноста за нападот сè уште не ја презеде никој, но турските власти веруваат дека зад него стои Исламска држава и ги зајакнаа безбедносните мерки на аеродромите, железничките станици и во метрото во Истанбул.