Парламентарни избори во Сирија на 13-ти април

 

Сирискиот претседател Башар ал-Асад распиша парламентарни избори за 13-ти април, според соопштението на неговиот кабинет објавено во понеделникот.

Image (8)

„Претседателот Асад го издаде указот број 63, со кој се одредува 13-ти април 2016 година како датум на одржување на изборите за членови на народното собрание (парламентот –з.р)“, се вели во соопштението што го цитира државната агенција SANA.

Последните парламентарни избори во Сирија се одржаа во 2012 година, речиси една година откако веќе беше започната граѓанската војна, а според уставот кој претходно беше изменет и владејачката Баат партија го загуби уставотворниот статус, се одржуваат на секои четири години.

Така, овие ќе бидат вторите парламентарни избори од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година. На последните кои се одржаа во мај 2015 година, одѕивот на избирачите според сириската државна изборна комисија изнесувал 51 отсто.

Најавата на парламентарните избори следи нецел ден откако Русија и САД, кои поддржуваат спротиставени страни во сириската војна, го објавија планот за прекин на непријателствата во Сирија, што требаше да стапи на сила во сабота. Тој, покрај екстремната сунитска организација Исламска држава, ја исклучува и исламистичката Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, за чиешто учество во мировните преговори се залагаа некои од регионалните арапски сојузнички на САД кои ја поддржуваат сунитската вооружена опозиција во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад, во интервјуата за западните медиуми од минатата седмица, покрај спроведувањето на парламентарните избори повеќепати ја нагласи и можноста од спроведување вонредни претседателски избори. Асад рече доколку го поддржи мнозинството од Сиријците, ќе остане во политиката и на должноста, иако опозицијата бара негово неизоставно заминување од политиката.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад, во интервјуто за шпанскиот весник El Pais од стаботата изјави оти верува дека тој може да ја спаси земјата и за десет години Сирија да закрепне од петгодишните ужасни уривања. Но, одговарајќи на прашањето дали тој ќе остане на власт и по десет години владеење, Асад вели дека тоа не е неговата цел.

„Најважно е, како јас ја гледам мојата земја, бидејќи јас сум дел од мојата земја. Затоа сакам за десет години да бидам еден од оние кои ја спасија Сирија, но тоа не значи дека сакам да бидам претседател. Во Сирија сé ќе биде во ред, и ќе бидам човекот кој ја спасил својата земја. Во моментов тоа е мојата работа и тоа е моја должност“, вели Асад.

Сирискиот претседател уверува дека него „не го интересира учеството во власта“. „Доколку сирискиот народ сака да останам во власта, тогаш ќе бидам таму, доколку не сака, тогаш нема да бидам. Доколку не можам да ѝ помогнам на својата држава, тогаш јас неизоставно ќе заминам“, истакнува Асад.

макфакс