Партиите ќе се изјаснат за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите и избирачкиот список

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, преку своите претставници во работната група за спроведување на договореното од Пржино, доставила нови предлози за решавање на проблемите со медиумите и за прочистувањето на Избирачкиот список, на средбата во понеделик, а денеска се очекува претставниците на партиите потписнични на Договорот од Пржино да се изјаснат по нив.

Image

По неколкудневна пауза на работата на работната група, во вторник ќе се одржи и втора средба, која е закажана за 17.30 часот, во Клубот на пратениците во Скопје заедно со посредникот Питер Ванхауте.

По завршувањето на разговорите во понеделник, белгискиот посредник изјави дека претставниците од ВМРО-ДПМНЕ имале предлози, па другите партии побарале дополнителни консултации. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се однесувале за точките за реформите во медиумската сфера и методологијата за прочистување на избирачкиот список.

Ванхауте по завршувањето на средбата на прашањето како другите партии реагирале на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, само кусо одговорил: „Состојбата е критична“.

Тој беше замолен да го го коментира говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Унијата на жени на неговата партија.

„Немам никаква реакција, мојот одговор како и секогаш е: Ако не ви се допаѓа пораката, убијте го гласникот“, одговори Ванхауте.

„Ќе помине многу долго време, пред на некој политичар му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“, рече Груевски на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во неделата.